Македонија следната година ќе добие 2,7 милиони долари од САД зa борба против ковид-19, најави денеска американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз, по средбата со министерот за здравство Венко Филипче, д-р Џихан Тавила од Светската здравствена организација (СЗО), Патриција ди Џовани од УНИЦЕФ и Ерик Јановски претставник од канцеларијата на УСАИД.
Неодамна, Владата донираше опрема и потрошни материјали во вредност од 400 илјади долари. Со ова, од почетокот на пандемијата, вкупната помош од САД за Северна Македонија за справување со коронавирусот надминува 9,2 милиони долари.
Новата помош обезбедена преку УСАИД ќе биде реализирана во партнерство со СЗО за јакнење на капацитетите на здравствениот систем, обезбедување повисока стапка на вакцинација против ковид-19, како и безбедно изведување на кампањата за вакцинација.
„Со оваа помош, во соработка со УНИЦЕФ ќе се прошири информативната кампања за ризиците од избегнување имунизација и потребата од вклучување на заедницата во функција на што повисока стапка на вакцинација против ковид-19, понатаму, ќе ги помогне активностите насочени кон менталното здравје и добросостојбата на здравствените работници кои се вклучени во справувањето со ковид-19; ќе помогне за зајакнување на капацитетите за водоснабдување, санитарните и хигиенските услови и мерките за превенција и контрола на заразата; и ќе овозможи правење важни анализи на податоци и проценки со цел ефикасно справување со кризата предизвикана од ковид-19“, вели УСАИД.
Донацијата на опремата од Европската Команда на Американската војска, ќе помогне за одржување на студениот синџир потребен при процесот на вакцинација и се надоврзува на претходните донации на опрема и потрошен материјал за здравствените работници кои работат во првите редови во борбата против ковид-19, како и за помош при тестирањето и лекувањето.
„Од почетокот на пандемијата, Владата на САД преку УСАИД, УНИЦЕФ и СЗО, дава континуирана поддршка на нашата земја во зајакнувањето на капацитетите на здравствениот систем за соодветен одговор на ковид-19 и за постигнување состојба на подготвеност за идни закани за здравјето и идни здравствени вонредни состојби“, вели Филипче.
Б. НЕСТОРОСКА