НЕМА ВЕЌЕ ПОПУСТ НА ТАКСИ ВО СКОПЈЕ, КОМПАНИИТЕ СЕ ВРАТИЈА НА СТАРИТЕ ЦЕНИ ПОРАДИ ПОСКАПУВАЊЕТО НА ГОРИВОТО

    НЕМА ВЕЌЕ ПОПУСТ НА ТАКСИ ВО СКОПЈЕ, КОМПАНИИТЕ СЕ ВРАТИЈА НА СТАРИТЕ ЦЕНИ ПОРАДИ ПОСКАПУВАЊЕТО НА ГОРИВОТОТаксистите сега возат по официјалната цена утврдена од Град Скопје-40 денари старт и 25 денари километар.(Фото: К.попов)

    Такси компаниите во Скопје повеќе не даваат попусти. Поради зголемување на цената на горивото од почетокот на овој месец, една по една такси компаниите ги укинаа попустите. Сега возат според официјалната цена одредена пред 10 години од Град Скопје, 40 денари старт и 25 денари за секој изминат километар.

    „Ние моравме да почнаме да даваме попусти, бидејќи дивите таксисти кои не плаќаат никакви давачки на државата го правеа тоа. Сега кога се зголеми цената на горивата, на сите не ни се исплати да возиме ако даваме попусти. Цената на плинот скокна од 28 на 45 денари, па го укинавме оној попуст од 40 денари“, вели Абдула Рушити, претседател на Асоцијацијата на авто-такси превознци.

    Сашо Рајчановски од Групацијата на авто-такси превозници вели дека нема да бараат од Град Скопје цената на такси превозот да поскапи поради зголемените цени на горивото.

    „Цените остануваат исти според ценовникот од пред 10 години. Поради новата ситуација дел од членовите решија да ги укинат попустите, а дел ги намалија“, вели Рајчановски.

    Во Скопје има 2.700 таксисти, според бројот на лиценци издадени од Град Скопје. Од Асоцијацијата на авто-такси превозници, во која се членови компаниите кои имаат свои возила и кои вработуваат таксисти, велат дека состојбата со такси превозот е лоша поради нелојалната конкуренција. Голем е бројот диви таксисти, кои не плаќаат никакви давачки кон држвата и возат со стари и нееколошки возила.

    И покрај големиот број издадени лиценци, во Скопје попладне, а особено навечер не може да се најде слободна кола.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира