Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски ја повика градоначалничката на Скопје Данела Арсовска да ја продолжи реализацијата на проектот Бас рапид транзит (БРТ) или автобуско метро, за кој Владата зема кредит од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Средставата за финансирање на проектот од кредитот ќе се исплаќаат преку Министерството за транспорт и врски.
На денешната прес-конфеенција за буџетот на Министерството за 2022 година, Бочварски кажа дека за следната година за овој проект предвидени се 246 милиони денари и секое отстапување од ваков систем на транспорт нема да донесе поефикасен превоз во гравниот град. Набавката на автобуси кажа Бачварски не е систем и не го решава метежот во сообраќајот и затоа во Скопје треба да се воведе алтернативно решение.
„Овој проект високо го оценија голем број на странски експерти и го сметаат да соодветен за Скопје бидејќи се воведува цел систем со кој се растеретува метежот во сообраќајот. Градоначалничката Арсовска не даде аргументи, не покажа никакви анализи, студии или експертски мислења зошто треба да се стопира проектот. Би сакал да потенцирам дека тендерската постапка за овој проект е во тек, и од тука сакам да упатам апел до Град Скопје да ги преиспита најавите за откажување од овој проект. Имено брз автобуски превоз е сообраќајно решение со кои ќе се изгради нов систем на транспорт на патници преку кој значително ќе се намали времето на патување, а од друга страна ќе се намали и сообраќајниот метеж низ градот. Би сакал да нагласам дека не станува збор за набавка на нови автобуси, туку изградба на цела инфраструктура, односно нов систем на транспортна мрежа која нуди брз и ефикасен превоз“, рече Бочварски.
Градоначалничката Арсовска веднаш по стапувањето на функцијата кажа дека нема да го прави БРТ бидејќи граѓаните на изборите го изгласале нејзиот проект за 250 нови автобуси и бесплатен јавен превоз.
А. АНТЕВСКА