На Детското одделение во Струшката болница за едно деноноќие има и над 120 прегледи, откако последниве два месеца Охрид остана без педијатри. Зголемен број на болни деца има и поради периодот на настинки и сезонски грип како и новиот сој на коронавирусот, омикрон. Во Струга работат шест лекари педијатри кои го покриваат и Одделот за неонатологија.
„Ние сме тука моментално шест доктори кои го покриваме Детското одделение и Неонатологија. Отворени сме 24 часа за какви било случаи. Во овој период зголемен е бројот на пациенти поради пандемијата но и проблемот со Детското одделение во Охрид, кое повеќе од два месеца не работи поради недостиг на педијатри“, вели д-р Вулнент Бектеши.
Најчесто децата доаѓаат со покачена температура, кашлица, омалаксаност, што се совпаѓа со симптомите од омикрон но според клиничката слика, како што вели д-р Бектеши, не може да се потврди дали станува збор за омикрон.
„Таа патологија која ја има сега во овој период ја има секоја година како сезонски настинки и грип. Има деца болни, но ние како лекари во Детското одделение не можеме само врз основа на клиничка слика да разликуваме дали се работи за сезонски грип или респираторен синцицијален вирус (РСВ) или некоја друга вироза. Ја следиме состојбата и ако таа се влоши после два-три дена, ако температурата не спаѓа или ако се интензивира кашлицата или има влошување на дишењето, тогаш мора лабораториски и со брис-тест да потврдиме постои или не тој вирус“, вели д-р Бектеши.
Болните деца со потврден ковид тест ја примаат терапијата во посебна соба. Најмладиот пациент позитивен на ковидвирусот во Детското одделение во Струга било едномесечно бебе кое за среќа имало лесна клиничка слика. Потешките случаи се препраќаат во Скопје.
Детското одделение во Општата болница во Струга покрива цел регион, а покрај децата од Охрид кои се лекуваат тука, се препраќаат и потешките случаи од Ресен и Дебар. Лекарите велат дека се спремни да го пребродат и овој период, иако работат неуморно со над 120 прегледи во текот на едно деноноќие.
„Имаме 18 кревети и 12 кревети во Дневната болница. Во овој момент, зголемен е обемот на работа и тие не се доволни. Во рок од 24 часа на преглед има и преку 120 деца, од кои 40 секојдневно поминуваат преку Дневна болница каде се прима неопходната терапија, а останатите се прегледи. Потешки се втората и ноќната смена бидејќи Детското одделение во Охрид не работи, нема педијатар втора смена и тие деца ги згрижуваме тука. За викенди за празници навистина е страшно. Сега засега издржуваме, но ако продолжиме со ова темпо не знам дали ќе издржиме оти треба и концентрација и одмор, сепак работиме со деца, а има секакви случаи“, вели д-р Влатко Мицкоски.
Тој вели дека покрај големиот напор често се изложени и на вербални напади.
„Многу е напорно и тешко. Се случува по цел ден да не излеземе од амбуланта. Персоналот не може да издржи. Замислете денеска 100 деца да ги боцкате. Многу е напорно, а познавајќи го и менталитетот на луѓето кај нас, не им се чека, често има и вербални напади, навреди, напади, се работи под голем притисок. Сепак ние сето тоа го премолчуваме, замижуваме оти се работи за дете, но до кога не знам. Секој трет ден сме дежурни, а покриваме и Неонатологија. На секое потешко породување, царски рез или употреба на вакуум мора да е присутен и педијатар“, вели д-р Мицкоски.
Според него, недостигот со педијатри како во Охрид така и низ целата држава, е поради погрешно водена политика изминативе 15-тина години.
„Не се водело сметка кој кога ќе оди во пензија за да се обезбедат нови кадри. Сега во Охрид има само една колешка на специјализација, но тоа не е доволно. Охрид и понатака ќе има недостиг на кадри и нема да може нормално да функционира. Во Струга има моментално шест лекари, од кои четворица за три-четири години заминуваат во пензија. Моментално има двајца специјализанти, можеби ќе има уште двајца и на некој начин ќе може да функционира Детското одделение“ вели д-р Мицкоски.
С. ВРЕНЦОВСКА