ВМРО-ДПМНЕ БАРА ДА СЕ УКИНЕ ПРЖИНСКАТА ВЛАДА И ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ, СДСМ И ДУИ ВЕЛАТ ДЕКА ТОА ЌЕ СЕ ДОГОВОРИ ПРЕД ИЗБОРИТЕ ВО 2024 ГОДИНА

    ВМРО-ДПМНЕ БАРА ДА СЕ УКИНЕ ПРЖИНСКАТА ВЛАДА И ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ, СДСМ И ДУИ ВЕЛАТ ДЕКА ТОА ЌЕ СЕ ДОГОВОРИ ПРЕД ИЗБОРИТЕ ВО 2024 ГОДИНАНовата Влада на премиерот Димитар Ковачевски беше избрана во Собранието на 16 јануари. (Фото: Ѓ. Личовски)

    ВМРО-ДПМНЕ бара да се укине Пржинската влада и веднаш да се распишат предвремени избори, без 100 дена техничка влада. За таа цел, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалициските партнери денеска во Собранието достави Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Влада.

    Како што кажа координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски,  со овој предлог бараат бришење на одредбите за начин на избор на Влада кои предвидуваат сто дена пред избори да се избере нова преодна Влада.

    „Во овој период, кога имаме кризни ситуации поради енергетска криза и во земјата владее општ хаос, Македонија не може повеќе да губи ниту ден, а не пак 100 дена техничка влада која нема да реши ниту еден од проблемите на граѓаните. Затоа, бараме овој наш Предлог-закон да биде ставен на дневен ред на 61 седница која треба да се одржи в среда“, рече Мицевски.

    За што побрзо да се одржат предвремени избори, како што кажа Мицевски, предложено е Предлог-законот да се донесе по скратена постапка.

    Од СДСМ одговорија дека е добро што ВМРО-ДПМНЕ после толкав период признава дека во земјава има институции кои можат да спроведат фер и демократски избори, за разлика од нивното време кога државата беше заробена и мораше да дојде потпишување на Пржинскиот договор.

    „Го спориме начинот на предлагање на ова решение со условување за предвремени избори. За укинување на техничката Влада треба согласност од сите  политички партии во земјава, а не само од една партија. Предвремени избори нема да има туку редовни во 2024 година, и дотогаш има време сите партии да седнат на маса и да постигнат заеднички договор“, рече координаторот на СДСМ Јован Митревски.

    Од ДУИ рекоа дека не е добро еднострано да се предлага вакво решение туку треба сите страни да го договорат, како што беше при неговото донесување односно потпишување на Пржинскиот договор во 2015 година.

    „Не доликува на земја членка на НАТО да има техничка влада. Ние не сме против укинувањето, но потребни се преговори, време и широк консензус за донесување вакви значајни решенија“, рече пратеникот од ДУИ Арбер Адеми, додавајќи дека парламентарни избори ќе има 2024 година.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира