БИТОЛЧАНИ ОЗДРАВЕА ОД КОВИД БЕЗ ДА ДОБИЈАТ РЕШЕНИЈА ЗА ИЗОЛАЦИЈА, ИНСПЕКТОРАТОТ ВЕЛИ НЕМАЛО ВАЛИДНИ ПОДАТОЦИ ЗА КОНТАКТ

    БИТОЛЧАНИ ОЗДРАВЕА ОД КОВИД БЕЗ ДА ДОБИЈАТ РЕШЕНИЈА ЗА ИЗОЛАЦИЈА, ИНСПЕКТОРАТОТ ВЕЛИ НЕМАЛО ВАЛИДНИ ПОДАТОЦИ ЗА КОНТАКТВо Битола има 1.266 регистрирани активни болни, што е најмногу од сите градови во внатрешноста. (Фото: СДК.МК)

    „Оздревев, а решение за изолација не добив“, вели битолчанец кој деновиве оздравел од коранавирус. „За време на боледувањето ми се јави надлежен епидемиолог и ме праша што симптоми имав. Но, не за контакти. Ми кажаа дека ќе добијам решение за изолација на вибер. Но, за време на деновите одредени за изолација не добив таков документ“, вели битолчанецот.

    Вакво искуство имаа и други битолчани кои беа болни пред и за време на промената на бројот на денови за изолација, од 10 за асимптоматски и 20 за лица со симптоми на 7 и 10.

    „Можеби со тоа што се скрати периодот, надлежните при оваа навалица на пациенти не може да достигнат и да ни пратат решение за изолација. Но, матичниот лакар ни кажа дека откако го добивме позитивниот тест треба да се изолираме, а исто и откако заврши изолацијата ни се јави дека веќе можеме да излеземе“, кажуваат заболени.

    Дел од пациентите велат дека и без решенија ги почитувале препораките против ширење на болеста и останале дома за време на изолацијата. Но, не се знае точно колкав е бројот на ваквите случаи и дали сите постапиле совесно.

    Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) за САКАМДАКАЖАМ.МК одговорија дека изготвувањето и доставувањето на решенијата за изолација се врши со нормална динамика, односно не се доцни.

    „Во исклучителни случаи , странката можеби не добила решение од причина што не се внесени валидни податоци ( контакт телефон), поради кое не може да се оствари контакт за уредна достава“, велат од ДЗСИ.

    Сепак, нејасно е како решенија за изолација не добиле лица кои телефонски биле контактирани за епидемиолошка анкета.

    Од Инспекторот посочуваат дека за сите лица кои не добиле решенија, инспекторите постојано се достапни за комуникација со странки на нивните мобилни телефони. Лицата може да се обратат на е-пошта [email protected] и на секоја порака веднаш се одговара. Додаваат дека во функција се и фиксните телефонски лини во Дирекција и во Подрачните одделенија на Инспекторатот, кои се објавени на нивната веб страна, преку која граѓаните може да се обратат за било каква информација.

    „Државниот санитарен и здравствен инспекторат и понатаму продолжува со својата законска обврска на издавање решенија за изолација на позитивни лица и контакти на позитивни лица согласно важечките протоколи“, соопштија од ДСЗИ.

    Тоа што дел од болните не добиле решение за изолација не е толку загрижувачки во споредба со фактот дека дел од болните не се ни тестирани поради тоа што треба да се чекаат термини за тестирање на државна сметка, а приватните чинат по 2.100 денари во Битола.  Некои до нив со полесни симтоми одат и на работа.

    Во текот на јануари, Битола со соочуваше со голем број заразени со ковид-19, по Скопје беше втор град по заболени. Врвот го имаше на 11 јануари кога дневно беа регистрирани 226 новозаболени, а за едно деноноќие во ковид-амбулантите на Клиничка болница се врешеа над 173 прегледи. Во Битола има 1.266 регистрирани активни болни, што е најмногу од сите градови во внатрешноста.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира