НЕ МОЖЕ ДА СЕ ОТВОРИ ШТИПСКАТА МОДУЛАРНА БОЛНИЦА ОТИ 15 ДОКТОРИ И МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ СЕ БОЛНИ ОД КОВИД

    НЕ МОЖЕ ДА СЕ ОТВОРИ ШТИПСКАТА МОДУЛАРНА БОЛНИЦА ОТИ 15 ДОКТОРИ И МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ СЕ БОЛНИ ОД КОВИДИнфективното одделение во Штип прима болни од цел регион и сега бара помош за кадар од другите градови. (Фото: СДК.МК)

    Поради тоа што 15 доктори и сестри се позитивни на ковид-19, можностите за евентуално реактивирање на модуларната болница во Штип се сведени на минимум, па Клиничката болница бара други алтернативи и поголемо активирање на болниците во регионот.

    „Инфективното одделение во Штип е од регионален карактер и половина од својот капацитет од вкупно 55 легла го исполнува со пациенти од другите градови во регионот. Времено, поради немање доволен кадар кој исто така е заболен, во овој период не можеме да сметаме на модуларната болница. Затоа, бараме Кочанската болница со која добро соработуваме повторно да излезе во пресрет и да ги вклучи своите кадровски и просторни капацитети за прием на заболени од ковид-19. Ние пермаментно примаме пациенти од повеќе градови во Источна Македонија, најмногу од Кочани и Радовиш“, вели директорот на Клиничката болница во Штип Ален Георгиев.

    Инфективното одделение, кое лани во октомври се реновираше и сите свои пациенти од модуларната болница ги врати назад во главната зграда, од почетокот на годинава почна пак да се полни и веќе е при крај на својот максимален капацитет од 55 хоспитализирани.

    „Медицинскиот персонал е десеткуван, а бранот постојано се зголемува. Од ланските 40 прегледи на ден, Инфективното одделение во јануари бележи дневни прегледи и до 80 во едно деноноќие. Во соработка со Министерството за здравство, можеби пак треба да мислиме на опцијата за персонал од другите градови, како што беше случај на почетокот на пандемијата кога на помош доаѓаа доктори од другите градови“, вели раководителката на Инфективното одделение Дијана Гајдарџиска-Шишкова.

    Ова Одделение ја завршило 2021 со 1.572 пациенти и со 232 починати, а оздравеле 1.340 болни. Новиот бран може бројките од минатата година двојно да ги зголеми. Официјалнио, Штип досега имал 7.438 позитивни на ковид. Сега, активни се 300 болни кои се на домашно лекување, изолација или хоспитализирани.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира