Општина Ѓорче Петров го урна купатилото на Елица Обрадовиќ од Ѓорче Петров што ѝ го изгради градоначалникот Коце Трајановски, бидејќи на негово барање таа му дозволи да ѝ го урнат старото, за да се прошири булеварот “Борис Сарафов“. Трајановски, според ветеното, летово преку ЈП “Улици и патишта“ ѝ изгради на Елица купатило-лепенка до нејзината мала куќичка-соба, во која живее со синот, снаата и 12-месечното бебе, но на државно земјиште, без дозвола за градба.
По 30-ина пријави од соседот на Елица Обрадовиќ дека станува збор за нелегална градба на државно земјиште, Општината донесе решение за уривање на градбата, а Елица стана колатерална штета. Законот се спроведе, и во четвртокот купатилото е урнато, со асистенција од 10 полицајци.
Елица, синот, снаата и бебето, кои цело лето се капеа и вршеа нужда по комшии, додека не го доизградија купатилото што го изгради до карабина Коце, сега на зимски температури пак се без купатило. Тие продолжија на секоја физиолошка потреба да ѕвонат кај соседите, зашто оваа жена е изиграна од локалната и од градската власт.
Таа нема никакво право да го обжали решението за уривање. Нејзе, всушност, никогаш и не ѝ е врачено решение за уривање на градбата, бидејќи таа не го градеше купатилото, туку ЈП “Улици и патишта“, по налог на градоначалникот Коце Трајановски.
Народниот правобранител Иџет Мемети, каде Обрадовиќ уште летото поднесе претставка, и кој имаше отворено иницијатива за овој случај, вели дека буквално додека не дојде багерот праќал до градежниот инспектор во Општина Ѓорче Петров барање за времено одложување на уривањето.
“Конкретно, во случајов, Народниот правобранител уште еднаш укажува на неспорниот факт дека предметниот објект, доградба на станбен објект, не е изграден од нејзина страна, туку од ЈП ‘Улици и патишта’ Скопје, а по налог на градоначалникот на Град Скопје и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров. Во тој сегмент, исто така, не е спорно и дека од овластениот градежен инспектор на Општина Ѓорче Петров, предметното решението за уривање, како и заклучокот за дозвола на извршување, воопшто не се доставени до именуваната.
Со тоа, пак, таа е оневозможена да преземе дејства за заштита на нејзините права и правни интереси, со користење на соодветни правни средства“, стои во дописот од советникот кај Народниот правобранител Зоран Билбилоски до Општинскиот градежен инспекторат.
Неговото барање за времено одложување, според Законот за Народен правобранител е наредба и затоа тој во дописот пишува:
“Согласно член 33, став 2 од Законот за народниот правобранител, должни сте веднаш, а најдоцна во рок од три дена од денот на приемот на ова барање, да ја донесете и да ја доставите до Народниот правобранител одлуката со која управниот акт е времено одложен од извршување. Вo спротивно, поради попречување на работењето и оневозможување на остварување на правата на именуваниот подносител на претставката, Народниот правобранител дополнително ќе постапи согласно содржината на – член 34, став 2 и 3 и член 34-а од Законот за Народниот правобранител“.
Но, Општината и инспекторатот воопшто не му одговорија, туку го срушија купатилото на Коце.
ИНСПЕКЦИЈАТА НЕМА ДА ГО ТУЖИ КОЦЕ ЗА ГРАДЕЊЕ БЕЗ ДОЗВОЛА
САКАМДАКАЖАМ.МК го контактираше надлежниот инспектор од општина Ѓорче Петров Златко Бојаџиев кој го спроведе уривањето. Тој објаснува дека решението за уривање на купатилото-дивоградба е донесено уште летото и оти ако не се спроведеше, паричната казна е многу висока.
На прашање ако толку оди според законот, зошто градежниот инспекторат не оди докрај и не им поднесе на градоначалникот Коце Трајановски и на ЈП “Улици и патишта“ кривична пријава за градење без градежна дозвола, Бојаџиев ни одговори:
“Не секогаш поднесуваме кривична пријава. Ако цениме дека треба, тогаш поднесуваме“.
Елица Обрадовиќ два дена плаче и вели не знае што да прави, кој пат сега да го фати.
„Вие ми бевте последната надеж“, ни рече, бидејќи, САКАМДАКАЖАМ.МК на 4 октомври ја објави приказната за оваа несекојдневна тортура на општинските и на градските власти врз граѓанка која се излажала и дозволила да ѝ го урнат старото купатило за да се пробие булеварот, за власта да се слика и фали.
КОЦЕ И СОКОЛ СЕ НАТЕГААТ ЗА ТОАЛЕТ, А СОПСТВЕНИЧКАТА СЕ КАПЕ ПО КОМШИИ
“Утре е првиот роденден на моето внуче. Како да повикам гости? Каде ќе одат во тоалет? Бел ден да не видат тие што ме изиграа. Нека ужива сега соседот што го пријавил купатилото 30 пати во нашите маки“, плаче Обрадовиќ.
Таа сега решила од Општината да побара да купи два метра квадратни од дворот, кој е државно земјиште, за да си изгради сама купатило-лепенка до малата куќичка, која пред неколку години успеала некако да ја легализира.
С. К. ДЕЛЕВСКА