ЈА ИРОНИЗИРАВ ГРДАТА БУГАРСКА БЛОКАДА ЗА МАКЕДОНИЈА ПРЕД ШОЛЦ, ТВИТНА РАМА 

    ЈА ИРОНИЗИРАВ ГРДАТА БУГАРСКА БЛОКАДА ЗА МАКЕДОНИЈА ПРЕД ШОЛЦ, ТВИТНА РАМА „Хистеријата кон премиерот Ковачевски на некои во Скопје по објавувањето на видеото од ракувањето со канцеларот Шолц во Солун, каде ја иронизирав грдата блокада на Северна Македонија од страна на Бугарија е и за смеење и плачење“, напиша Рама. (Фото: СДК.МК)

    Албанскиот премиер Еди Рама на својот твитер профил денеска објасни дека на Самитот во Солун кој со земјите од регионот во петокот го организираше грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, при ракувањето со германскиот канцелар Олаф Шолц ја иронизирал блокадата на Бугарија кон Македонија.

    Вчера беше објавено видео од Самитот како грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на канцеларот  Шолц му го претставува македонскиот премиер Димитар Ковачевски, а при ракувањето Рама дофрлува дека тој е „премиерот на идната држава Западна Бугарија“, по што сите се смеат на досетката.

    По објавување на снимката опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од премиерот Ковачевски, бидејќи се смеел на коментарот на Рама.

    По бројните коментари на социјалните мрежи и толкувања што е сарказам и иронија, денеска Рама напиша дека не ја разбира хистерија која настанала во Македонија, кога тој со коментарот ја критикувал политиката на Бугарија.

    „Хистеријата кон премиерот Ковачевски на некои во Скопје по објавувањето на видеото од ракувањето со канцеларот Шолц во Солун, каде ја иронизирав грдата блокада на Северна Македонија од страна на Бугарија е и за смеење и плачење. Кавга во меана над чадот од ќофтињата“, напиша Рама.

    „Кавга во меана над чадот од ќофтињата“, повторно иронична напиша Рама за реакциите во Македонија на неговата саркастична забелешка пред германскиот канцелар Шолц (принтскрин од твитер профилот на Рама)

    Германскиот канцелар Шолц при вчерашната посета на Скопје неколку пати повтори дека Македонија веднаш треба да ги почне преговорите со Европската унија бидејќи ги исполнила сите услови.

    „Што се однесува до мене, Северна Македонија може веднаш да почне со првата меѓувладина конференција, сите услови се исполнети и ние ќе се заложиме тоа да биде можно. Пред 20 години на државите од Западен Балкан им беше ветена европска перспектива и сега е време за дела.  Се чудев на политичката сила која овозможи договор со Грција и затоа остатокот од задачата треба да ни успее. Сега треба да ги вложиме сите напори тоа да се реализира“, рече канцеларот Шолц на вчерашната прес-конференција по средбата со премиерот Ковачевски.

    По посетата на Скопје Шолц замина во Софија, каде имаше средба со бугарскиот премиер Кирил Петков на кого му кажа дека и за Бугарија било голем момент кога го пронашла патот до ЕУ.

    „По ужасните разорувања кои ги предизвика Германија во Втората светска војна, за нас беше многу важно да бидеме повторно дел од Европа. И за Бугарија беше голем момент кога го пронајде патот до Европската Унија, и тука да се чувствува како дома. Мораме да бидеме фер кон оние кои толку долго ги вложуваат сите свои надежи и нивните национални напори кон можноста, да станат членки на ЕУ“, рече Шолц кој и во Софија кажа дека Македонија ги исполнила услови за почеток на преговорите „како ниедна друга земја“.

    Ф. ЗЛАТКУ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира