Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека се чека конечната одлука на бугарскиот парламент за предлогот со кој ќе се одблокира ветото за пристапни преговори за Македонија со ЕУ. Тој на прес-конференција по Самиот на ЕУ во Брисел вечерва кажа дека верува оти се блиску до договор.
„Блиску сме до договор кој овозможува правда за бугарските барања и е компатибилен со тоа што Македонија може да го направи, потребно е видливост и доверба, во следните часови ќе има гласање на бугарскиот Парламент, ќе гледаме кон бугарскиот претседател и партиите од сегашното мнозинство, опозициските партии“, рече Макрон, и додаде дека со „Северномакедонците во следните часови ќе се разгледува начин да се склучи договорот, за до идната недела да помине на амбасадорско ниво и да се деблокира процесот“, јави дописичката на МИА од Брисел.
Тој ја поздрави храброста на некои лидери на Македонија како Зоран Заев, кој го смени Уставот и името на државата.
„Една земја членка со задоцнување побара промени“, рече Макрон за Бугарија, но додаде дека „ЕУ не може да се преправа дека тие не постојат“.
„Дали е фер кон Македонија, морам да кажам дека не е. Затоа ние направивме толку притисок врз Бугарија во изминативе месеци. Тоа резултира со политичката криза која настана неодамна во Бугарија. Не можеме да се правиме дека тоа не се случува“, рече Макрон го пофали и премиерот на Бугарија Кирил Петков за неговата политичка храброст.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска по самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел кажа дека францускиот предлог за одблокирање на македонските интеграции е неприфатлив за нас во сегашната форма, но остава простор ако се постигне разбирање за нашите позиции, разговорите да продолжат со цел пристапните преговори со ЕУ да почнат месецов.
Ковачевски рече дека Македонија има три клучни барања за преговарачката рамка: признавање целосно на македонскиот јазик, историските прашања не може да бидат дел од преговарачката рамка и преговорите треба да почнат пред внесувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот, но и да добиеме гаранции дека нема да има нови услови од Бугарија и од ЕУ .
Комисијата за надворешна политика на бугарското Собрание денеска го усвои предлогот на Христо Иванов, лидерот на владината коалициска партија Демократска Бугарија, со кој се бара бугарската влада во оставка да го одобри предлогот на француското претседателство со ЕУ, но само ако се измени за да се исполнат одредени услови. Предлогот н Иванов е усвоен со гласовите на опозициските ГЕРБ и ДПС. Утре предлог-одлуката мора ќе биде ставена на дневен ред на бугарското Собрание.
„Нашиот текст се совпаѓа со предлогот на француското претседателство. Гарантираме дека сите преземени обврски во билатералните протоколи ќе бидат следени на ниво на Европската комисија во преговарачката рамка, а потоа и на Европскиот совет. Накратко, Бугарија ќе може да ја контролира оваа работа. Има текст кој целосно ја гарантира еднаквоста на Бугарите во Уставот на РСМ. Во никој случај нема да добијат друг статус. Има многу јасна гаранција дека доколку властите во Скопје не го сменат Уставот, нема да има преговори за членство во ЕУ. Ова го пишува во францускиот предлог, кој го прифаќаме и така станува валиден“, изјави Иванов.