ВО ВЕЛЕШКО ИМА 80 СПОМЕНИЦИ ОД НОБ, ДЕСЕТИНА СЕ УКРАДЕНИ ИЛИ ОШТЕТЕНИ

    ВО ВЕЛЕШКО ИМА 80 СПОМЕНИЦИ ОД НОБ, ДЕСЕТИНА СЕ УКРАДЕНИ ИЛИ ОШТЕТЕНИПовеќето споменици се поставени во првата половина на 1980-тите години се одбележувале 40 години од борбените дејствија на НОБ.(Фото: СДК.МК)

    Во Велешко има 80-тина споменици, спомен-обележја и спомен бисти кои се посветени на борбите и загинатите во Народно-ослободителната борба (НОБ) во Втората светска војна. Ова го покажа проектот кој го реализираше Народен музеј Велес за да се утврди во каква состојба се спомениците. Со него, покрај во Општина Велес се опфатени и спомен-обележјата во Општините Градско и Чашка.

    „Од постојниот регистар е утврдено дека не постојат десет спомен-обележја, бисти, спомен-плочи. Постојните се во добра состојба. Но, се забележува дека треба да се интервенира во текстот, тој со времето избледел, не е читок. Повеќето се поставени во првата половина на 1980-тите години кога се одбележувале 40 години од борбените дејствија на НОБ“, вели Марин Клифов од Народен музеј Велес кој го реализираше проектот.

    Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура. Поголемиот број од спомен-обележјата се на територијата на Општина Чашка, оти таму партизанските одреди имале голем број дејствија и во знак на сеќавање се подигнати голем број споменици од времето на НОБ. Потребна е грижа за овие спомен-обележја бидејќи времето го прави своето.

    „Во руралните области спомениците се добро сочувани за разлика од градот. Тука има и кражби и некои се украдени или оштетени. Општините треба да ги преземат и раководат со нив, оти Музејот не е надлежен, а во последната година Сојузот на борците не функционира, па тие сега се оставени на забот на времето и сеќавањата“, додава Клифов.

    Во спомен-обележја спаѓаат и Спомен-костурницата на паднатите борци од НОБ во Велес, Спомен-куќата на поетот и револуционер Коста Солев Рацин, како и петте спомен-куќи во селото Горно Врановци во кои есента 1944 било седиштето на највисоките партиски, државни и воени тела на веќе формирана Федеративна Република Македонија.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира