СДСМ ЌЕ ГО ДОГРАДИ СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА, ДИВОГРАДБА НА ВМРО-ДПМНЕ ШТО БЛОКИРА ВЛЕЗ НА ПЛОШТАДОТ МАКЕДОНИЈА, НАМЕСТО ДА СЕ УРНЕ ЌЕ ИМА КОНКУРС ЗА НОВ ИЗГЛЕД

    СДСМ ЌЕ ГО ДОГРАДИ СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА, ДИВОГРАДБА НА ВМРО-ДПМНЕ ШТО БЛОКИРА ВЛЕЗ НА ПЛОШТАДОТ МАКЕДОНИЈА, НАМЕСТО ДА СЕ УРНЕ ЌЕ ИМА КОНКУРС ЗА НОВ ИЗГЛЕД„Ќе се распише конкурс на кој архитектите ќе можат да предложат решение како тој дел да се уреди и колку што може да се спаси просторот“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска. (Фото: СДК.МК)

    Власта на СДСМ ќе го доградува таканаречениот споменик на Мајка Тереза кој е дивоградба, се наоѓа среде улица, го блокира влезот на Плоштадот Македонија  и прекршува низа закони.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК до министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска што се планира со споменикот кој власта од која сега таа е дел 5 години не го чепка, а кога беше опозиција остро го критикуваше, рече дека тој нема да се урива туку единствено решение е да се догради според идеја на стручната јавност.

    „Ќе се распише конкурс на кој архитектите ќе можат да предложат решение како тој дел да се уреди и колку што може да се спаси просторот“, рече Костадиновска-Стојчевска не прецизирајќи кога точно ќе биде распишан конкурсот.

    За објектите од „Скопје 2014“ меѓу кои и споменикот на Мајка Тереза, Владата на СДСМ по доаѓањето на власт во 2017 формираше работна група. Работната група во извештајот кажа дека оваа бетонска дивоградба треба веднаш да се урне затоа што освен што прекршува низа закони, ја загрозува и безбедноста на Плоштадот.

    Но, Владата не го послуша мислењето на стручната јавност и уште пред три години најави дека ќе распише конкурс за идејно решение за доградба на споменикот оти помалку пари ќе се потрошат отколку за уривање. На оваа идеја реагираше стручната јавност па и тогашниот градоначалник Петре Шилегов, кои рекоа ако се распише конкурс ќе го затрупаат Министерството за култура со решенија за уривање на дивоградбата.

    По реакциите конкурсот не се објави, па се случи коронакризатата и овој проблем повторно се стави на страна без решение. Сега Владата предводена од СДСМ повтороно ја враќа во игра идејата Плоштадот да се забетонира со бетонско здание и да не може да влезат возила на Брза помош или Пожарна.

    Споменикот на Мајка Тереза беше најавен како донација на фирмата „Сахара Индија“, сопственост на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој. Тој заедно со тогашниот премиер Никола Груевски во јануари 2013 го најавија проектот отворајќи ја спомен-плочата на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија, на местото каде ќе се гради споменикот. Откако Рој отиде во затвор оти не платил оштета на измамени инвеститори во Индија, Владата на Груевски преку Министерството за култура и тогашната министерка Елизабета Канческа-Милевска го презеде проектот. Официјалниот старт на градежните работи беше во октомври 2015, а вредноста на договорот за негова изградба е 5,5, милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира