1 Кога се потпиша вториот Протокол за исполнување на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, кој беше услов Софија да го дигне ветото за отварање на преговорите со ЕУ, се чудевме како ќе се реализира оној дел во кој државите се обврзуваат да не поддржуваат говор на омраза. Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска го даде одговорот. Во изјава за Гласот на Америка на македонски јазик на прашање дали тоа ќе значи цензура на творештвото таа одговори: „Слободно нека творат. Но, да се твори во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката. Не нешто што повторно ќе го врати народот назад, кон едни мрачни времиња каде што навистина не видовме ништо добро“.
Министерката го даде рецептот како ќе се спроведува оној дел кој обврзува „двете држави да гарантираат дека државното финансирање на нови книги, документарни изданија и списанија, филмови и друга уметничка продукција, како и споменици на културата и прослави ќе се реализира во Духот на договорот за пријателство“ и дека „секој субјект финансиран од државата ќе потврди преку јасна и обврзувачка изјава дека ќе го следи со неопходно внимание прашањето за неприфаќање на сите форми на говор на омраза“. Ќе се спроведува – на смеа и на шега.
Министерката вели и дека „секој филм што ќе ја промовира македонската култура, македонскиот индивидуалитет би требало да има поддршка, но сепак мора да бидеме свесни дека мора да одиме напред, мора да се ослободиме и дека историјата не смее повеќе нам да ни биде затвор, треба да ни биде лекција“.
Значи, ако некој реши да сними филм за убиството на Ваташките младинци, тоа нема да биде забрането, но за да добие државна поддршка, или не смее бугарските администратори да се поврзуваат со фашизмот, или мора да биде смешен, за да го забавува народот. Да не се запоставуваат историските теми, ама во нив да бараме хумор. Па, во една варијанта филмот ќе има сценарио за животот на едно село во војна, кога дошле некои ослободители, ама момчињата биле незадоволни од ефикасноста на јавната администрација, па администраторите толку се налутиле што ги стрелале. А во другата, ведра варијанта може да помине и сценарио во кое се собрале дванаесет тинејџери, си раскажувале вицови за Бугари, вицовите биле толку смешни, што сами се убиле од смеење, од што им било пресмешно.
Или, ако веќе се „твори во духот на тоа што ќе го расположи народот“, може да се сними мјузикл за бугарската депортација на македонските Евреи, во кој авторот ќе прикаже како прогонетите го зачувале чувството на хумор, пеејќи весели песни додека се возат во товарните вагони на бугарската државна железница. Ако Музејот на холокаустот во Скопје побара државна помош за организирање некоја манифестација, во програмата задолжително да се предвидат и вицови за гасни комори за „да се расположи народот и публиката“.
Да беше жива тетка ми Маре, која никогаш не сакаше да зборува што мака видела во битолскиот затвор за време на бугарската фашистичка окупација, можеби сега, во духот на Протоколот за почеток на преговори со ЕУ, ќе ни раскажеше колку било цепки во затворот, се кикотела оти многу смешно зборувале тие што ја тепале, наместо да се враќаме на „мрачните времиња каде што навистина не видовме ништо добро“, како што вели министерката.
На смеа, на шега, со билатералниот протокол со Бугарија државата ќе ни кажува што е дозволена тема за творештво.
2 За волја на вистината, кај нас одамна уметноста не може да го надмине хуморот на реалноста. Па видете го само Протоколот со Бугарија како услов за почеток на преговори со ЕУ и особено изјавата на една земја-членка дека не постои јазикот што го зборуваш. Како ова да го ставиш во сценарио, а некој да верува дека тоа е веродостојно?
Бугарското вето веќе е дел од нашата современа историја. Веќе три години живееме со таа историја, исто како што негирањето на македонскиот јазик од една земја-членка на ЕУ е факт од таа современа историја. И што правиме ако некој сака да направи документарец за ветото на Бугарија? Најобичен документарец, со наредени изјави, со цитирани документи, со оригинални снимки, вклучително и со последната изјава на министерката за култура. Самиот документарец ќе биде говор на омраза. Прво, затоа што потсетува на уште еден непријателски чин на Бугарија од заедничката историја. И второ, затоа што ќе биде на македонски јазик.
3 Нам не ни требаат смешни филмови и творештво за расположување на народот. Доволно е само да се гледаат вести. Треба да имаш исклучителна смисла за хумор, или да се ставиш на некоја лесна дрога за да смислиш драмски заплет како што е кавгата помеѓу обвинителката за гонење организиран криминал Вилма Русковска и директорот на финансиската полиција Арафат Муареми. Сосе обвинувањата преку медиуми, преку кривичните пријави, па сé до ноќното писмо на обвинителката со барање да ја заштитат амбасадорите на ЕУ и на САД, па и европската обвинителка Лаура Ковеси. И сосе изјавата на ЕУ дека внимателно ја следи ама нема да се меша во караницата. Кога ова би се ставило во театарска претстава публиката би се скинала од смеење. Тешка комедија на апсурдот.
Само со хумор тешко се преживува Македонија. За оваа болест потребна е потешка терапија.
4 И овој Илинден се покажа дека присуството на политичарите на Мечкин Камен е погубно за достоинствено празнување на Денот на Републиката. Празникот го користат како мегдан за политичка пресметка, а не како повод за прослава. Најдобро би било, барем неколку години да се прогласи мораториум за политички говори на 2 Август. А политичарите, ако им е до прослава нека одат во Крушево или Пелинце како граѓани.
Микрофоните нека бидат таму, ама да се ослободат за корисни објави од секојдневието. Како што беше онаа објава со која водителката ја прекина програмата: „Дедо си ја загуби внуката, ја чека кај амбулантната кола“. Тоа беше единствената искрена, граѓанска и животно важна порака што ја чувме овој Илинден.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST