На граничните премини за влез и излез од земјава не работат семафорите за насочување на возилата во ленти. Поради тоа, патниците не знаат во која коловозна лента да чекаат за да ја минат границата, па се создава метеж.
Изминатиот продолжен викенд голем број граѓани заминаа за Грција, а на граничниот премин Богородица не работеше ниту еден семафор. Патниците се престројуваа од една летна во друга и создаваа уште поголеми колони. Иако семафорите не работеа, немаше ниту полицајци да ги насочуваат возила за да не се создаваат гужви.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) не сметаат дека е нивна одговорност тоа што не работат семафорите иако тие ги извршуваат граничните контроли. Вината ја префрлаат кај Министерството за транспорт и врски и Царинската управа кои се надлежни за поставување и одржување на објектите и системот.
„Согласно Законот за гранична контрола чл. 37 став 2 граничните табли, ознаките и другата сигнализација по предлог на Министерството за внатрешни работи ги поставува и одржува Министерството за транспорт и врски, a надлежноста и стопанисувањето со објектите е во надлежност на Царинската управа. Воедно, ве известуваме дека светлосната, хоризонталната и вертикалната сигнализација на граничните премини е уредена согласно Правилникот за обликот, содржината и начинот за поставување на гранични табли, ознаки и друга сигнализација“, велат од Министерството за внатрешни работи.
Во земјава на ниту еден граничен премин, вклучувајќи ги и оние на аеродромите, никогаш не функционира посебна лента за македонски државјани иако е обележана.
На граничниот премин Табановце, пак, уште не функционираат посебните ленти за патници од Македонија, Србија и Албанија како дел од проектот за олеснување на движењето на стоки и патници во рамките на иницијативата Отворен Балкан.
„Во рамките на таа иницијатива, сè уште се прават анализи каде и на кој начин може да се скрати времето на поминување. Со промена на процедурите коишто се во тек, бизнис заедницата ќе има привилегии за побрз премин на границата, а граѓаните ќе поминуваат на посебни ленти. Тоа ќе значи посебни ленти за граѓаните од трите држави, кои се вклучени во иницијативата, посебни ознаки кои ќе овозможат од поголема одалеченост да знаат каде да се движат возилата и секако преку развој на процедурите да се намали времето на чекањето“, кажа Спасовски во јули годинава.
На Табановце, наместо да се намалат гужвите со воведување на концептот „едно застанување на граница” (One Stop Shop) тие се зголемени и по еден час и повеќе се чека да се мина границата.
А. АНТЕВСКА