Завршена е постапката за евалуација на понудите за пречистителната станица во Скопје и сега треба само да се донесе одлука за избор на фирмата која ќе ја гради, вели министерот за животна средина Насер Нуредини. Нуредини имал средба со претставници од Европската инвестициона банка (ЕИБ) која ги обезбедува парите за овој капитален проект и е вклучена во спроведување на тендерската постапка. Од ЕИБ сметаат дека нема ништо спорно во спроведувањето на тендерската постапка, како што тврдеше градоначалничката Данела Арсовска, и очекуваат наредниот месец да се избере фирма и кон почетокот на наредната година да стартува реализацијата.
„Од Банката велат дека нема ништо спорно во постапката. Завршена е евалуацијата на понудите и сега се чека да се достави крајниот извештај врз основа на кој ќе треба да се избере фирма. Ако градоначалничката Данела Арсовска го поништи тендерот ќе се изгубат најмалку три години. Повторно ќе треба постапката да се врати на почетокот, а знаеме дека целиот процес трае со години. Покрај заемот од 137 милиони евра од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој, за овој проект имаме добиено и грант од 70 милиони евра. Затоа, очекувам процесот да биде завршен и согласно работниот план, во февруари да биде потпишан договорот“, вели Нуредини.
Комисијата треба да направи избор меѓу две понуди, едната од германска фирма, втората е од турска компанија. Токму поради тендерот за пречистителна станица Арсовска се скара со ВМРО-ДПМНЕ, со чија поддршка стана градоначалничка на Скопје. Арсовска во септември го разреши од функција директорот на Водовод Златко Перински, бидејќи имала сомнеж дека го мести тендерот. Разрешувањето беше во време кога се вршеше евалуација на понудите.
Арсовска и Марјан Митовски, новиот в. д. директор кој таа го постави, оттогаш не даваат никакви информации до каде е постапката.
Постапката за пречистителна станица за отпадни води започна во декември 2019, кога беше потпишан договорот за заем. Тендерот беше распишан во јуни 2020 и тогаш беше кажано дека ќе биде готова во 2025.
Пречистителната станица за отпадни води ќе се простира на површина од 13 хектари, во општина Гази Баба, на левиот брег на реката Вардар, во областа Трубарево и ќе биде со капацитет за 500.000 жители.
А. АНТЕВСКА