Приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ утре ќе ја блокираат една од најпрометите скопски сообраќајни артерии, улицата Илинденска на потегот од Влада до крстосницата кај салата „Борис Трајковски“. Протестот ќе почне од 6 часот, ќе биде блокирана само десната лента на булеварот со 200 автобуси. Доколку и после оваа блокада градоначалничката Данела Арсовска не ги повика на средба за да се најде решение, в понеделник ќе блокираат три клучни крстосници во градот.
Директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски на денешната прес-конференција рече дека се принудени на вакви протести бидејќи луѓето се оставени на улица, без работа. Јовановски рече дека сите обвинувања на Арсовска се невистините и клевети и за разлика од неа која зборува паушално, тој има документи кои го покажуваат долгот што ЈСП го има кон нив, како и документи дека не продавале билети во автобусите.
„Утре, пред канцеларијата на Арсовска ќе бидат паркирани 200 автобуси на приватните превозници, за да ѝ ја демантираме лагата дека приватниците имале 50 автобуси. Градоначалничката не е насекирана за целава работа, бидејќи она ќе си го истера мандатот, а после неа некој друг ќе го плаќа долгот, не плаќа таа од свој џеб. Непримерно е од позиција на градоначалник така да се однесуваш, да викаш ‘тужи ако ти должам, што ми е гајле’. Тоа се уличарски изговори. Прво се седнува и се преговара за да се најде решение. Приватните превозници протестираат затоа што се оставени без пари, нема никаква политичка позадина“, рече Јовановски.
Тој смета дека Арсовска треба да си даде оставка после хаосот што го направи во јавниот превоз. Додека траат протестите возачите на автобусите ќе бидат пред Градското собрание и ќе чекаат да ги прими Арсовска или некој од нејзиниот кабинет.
Неколку часа по прес-конференцијата на Јовановски, Град Скопје соопти дека денес е раскинат договорот со „Слобода превоз“поради неисполнување на обврските.
„Во случајов, се работи за обврската за континуирано и непрекинато давање на јавната услуга за превоз на патници. За жал ‘Слобода превоз’ повеќе од два дена во континуитет не ја извршуваше оваа договорна обврска со што поради непочитување на договорот истиот е раскинат. Ги повикуваме сите приватни превозници да се јават на јавниот повик кој ќе биде објавен во текот на следната недела. Сметаме дека со овој модел, склучување на директни договори за јавен градски превоз со индивидуални превозници ќе придонесе за поголема транспарентност на процесот и полесно разрешување на потенцијални проблеми. Градскиот јавен превоз функционира непрекинато, а ЈСП Скопје во овој момент има доволно капацитети да ги задоволи потребите на скопјани“, вета од Град Скопје и апелрираат до „Слобода превоз“ да ја ревидира одлуката за блокирање на главниот град, бидејќи „на тој начин нема да постигнат разрешување на проблемот, напротив, на овој начин проблемот се продлабочува“.
„Скопјани не се должни да бидат колатерална штета, поради нерационалните барања на ‘Слобода превоз’. Со уцени, нема договор“, соопшти Град Скопје.
А. АНТЕВСКА