Автобусите на приватните превозници синоќа останаа на крстосниците и со тоа го блокираат Скопје во текот на цело деноноќие. Немаат намера да се повлечат од протестите, дури најавуваат блокадите да се прошират и на други крстосници.
Поради блокадите, сообраќајот во Скопје е во хаос, метеж и колони возила се создаваат на Бит Пазар, кај Железничка станица и Тутунски комбинат. Сообраќајот го регулираат полицајци кои ги упатуваат граѓаните по рутите кои се слободни за движење. Автобусите кои и така ги нема доволно, сега доцнат уште повеќе, не се почитува возниот ред и вртат по споредни улички за да стигнат на последните станици.
„Граѓаните не треба да ни се лутат, блокадата е единствен начин јавноста да го чуе нашиот проблем и да ги демантираат лагите кои ги кажува градоначалничката Данела Арсовска. Поради суета, незнаење, неодговорно и уличарско однесување на Арсовска, 300 луѓе изгубија работа, останаа без пари да ги прехранат семејствата. Не се работи за приватна бавча на градоначалничката па да ја работи како сака. Таа е должна да се грижи за јавниот интерес и да се однесува согласно законот“, рече вчера Ленин Јовановски директор на „Слобода превоз“.
Превозниците најавија дека не само што нема да се повлечат од протестите и блокадите туку на нив ќе ги донесат и нивните семејства.
Градоначалничката Данела Арсовска нема намера да им го плати долгот од 1,5 милион евра. Неколкупати кажа дека нема да добијат пари и им рече да тужат. Решение како да се реши колапсот на јавниот превоз во Скопје за Арсовска е распишување на нов оглас за избор на приватни превозници. Најави дека тој ќе се распише оваа недела, но до сега таков оглас не е објавен ниту пак Арсовска вчера се појави да им објасни на граѓаните како ќе се реши проблемот со оглед дека цело Скопје е блокирано.
За приватните превозници овој оглас не е законски и велат дека преку него Арсовска сака да ги ‘стави рачињата во медот‘ односно во јавниот превоз да влезе фирма блиска до неа.
Градоначалничката Данела Арсовска изборите ги доби со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и ветување за брз, ефикасен и бесплатен превоз, како и набавка на 250 електрични автобуси. Една година од мандатот на Арсовска не само што ова ветување не е исполнето, туку јавниот превоз е во колапс, а набавката на автобуси не се ни споменува.
А. АНТЕВСКА