Град Скопје објави и втор оглас за избор на приватни превозници кои ќе бидат дел од јавниот превоз во градот. Откако на 9 декември беше објавен оглас само за линиите 20 и 22, една недела подоцна објавен е и втор оглас за превозници на линиите 9, 11 и 12.
За линијата 9 се бараат 15 автобуси и 31 возач, за линијата 11 пет автобуси и 10 возачи, а за линијата 12 се потребни осум автобуси и 18 возачи.
И овој оглас е идентичен оној од пред една година, кога Арсовска потпиша договори за две години со превозниците „Слобода превоз“ и „Макекспрес“.
„Понудите ќе се оценуваат според возен парк, човечки ресурси, техничка логистика, искуство во вршење на општински линиски превоз на патници“, стои во огласот објавен на страната на Град Скопје.
Со двата огласи на Градот му се потребни 48 автобуси и 103 возачи. Градоначалничката Данела Арсовска, откако се скара со приватните превозници оти не им го плаќа долгот од 1,5 милиони евра, тврди дека во Скопје нема недостаток на автобуси и дека ЈСП соодветно ги надополнува сите линии кои ги одржуваа приватниците. Со двата огласи кои ги објави Градот, всушност се потврдува дека има недостаток на автобуси и на јавниот превоз му се потребни и приватните превозници.
Арсовска минатиот месец ги раскина договорите со двата приватни превознци „Слобода превоз“ и „Макеспрес“, по што тие протестираа и го блокираа градот. Со раскинување на договорите на улиците нема доволно автобуси и ЈСП „Скопје“ вози со редуциран возен ред.
А. АНТЕВСКА