ЌЕ СЕ ТРГА ОГРАДАТА ОД ГРАДИЛИШТЕТО НА ЦРКВАТА „СВ. КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА“ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ, ПОМИНАТ Е РОКОТ ЗА ГРАДБА ОД 10 ГОДИНИ

    ЌЕ СЕ ТРГА ОГРАДАТА ОД ГРАДИЛИШТЕТО НА ЦРКВАТА „СВ. КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА“ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ, ПОМИНАТ Е РОКОТ ЗА ГРАДБА ОД 10 ГОДИНИЦрквата почна да се гради во ноември 2012, а тогашниот премиер Никола Груевски организираше три донаторски конференции со македонски компании за да се соберат пари за изградба. (Фото: К. Попов)

    Инспекцијата на Општина Центар ќе ја отстрани металната ограда од градилиштето на црквата „Св. Константин и Елена“ на улица Македонија во најстрогиот центар на Скопје. Како што велат од Општината, поминат е рокот за градба од 10 години и сега просторот ќе го расчистат и ослободат од тарабите.

    „Таму нема никакви градежни работи, ниту пак има најава до Општината дека тие ќе продолжат со оглед на тоа дека е поминат рокот за градба. Затоа во наредниот период оградата ќе биде тргната, просторот ќе биде исчистен и овој дел од центарот на градот ќе биде ослободен од лимените бариери“, вели Мирослав Богдановски, раководител на Инспекторатот на Општина Центар.

    Црквата „Св. Константин и Елена“ почна да се гради во ноември 2012, а на почетокот на изградбата присуствуваше и тогашниот премиер Никола Груевски. Инвеститори се Македонската православна црква (МПЦ) и Фондацијата „Св. Цар Константин“, која што беше формирана од МПЦ за изградба на црквата. Груевски организираше три донаторски конференции со македонски компании за да се соберат пари за изградба.

    Во 2013 имаше насилни протести пред Општина Центар, организирани од фантомска организација со цел да спречат наводно уривање на црквата тогашниот градоначалник Андреј Жерновски. За протестите имаше долго судење, кое што заврши во септември 2020 со затворска казна од 1,5 години за Груевски како нарачател на насилствата.

    Црквата ја градеше компанија „Бетон“. Пред година и пол, приватната болница „Ре-Медика“ го презема преостанатиот долг на МПЦ и Фондацијата „Св. Цар Константин“ од околу 3,5 милиони евра за да работи подобро, без милионскиот долг за изградба на црквата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира