Со протестен музички собир на платото, утре од 12-16 часот ќе се брани Младинскиот културен центар (МКЦ) од одлуката на скопската градоначалничка Данела Арсовска да го смени в. д. директорот Ванчо Богоев и на негово место да го назначи дипломираниот детектив Никола Алексов, кој нема работно искуство во културниот сектор. Арсовска го смени Богоев на 17 јануари, а следниот ден Програмскиот колегиум на МКЦ соопшти дека Богоев, кој 36 години е дел од институцијата, е сменет бидејќи не сакал да го вработи пејачот Бени Шаќири, кој на последните локални избори беше кандидат за градоначалник на Скопје на ДОМ и ЛДП. Од МКЦ велат дека генералниот секретар на Градот Зоран Глигоров вршел екстремни притисоци да се потпише вработување на Шаќири.
Пред два месеца, МКЦ ја доби од Град Скопје наградата „13 Ноември” за заслуги во областа на културата и масовната посетеност, по повод 50-годишниот јубилеј.
На протестот ќе настапат десетина групи и пејачи, меѓу кои и Дина Јашари, „Новиот почеток“, „Хајка“. Организаторот на протестот, музичкиот колектив Гола планина, во објавата за настанот на Фејсбук вели дека е против политизирањето на оваа културна институција.
„Срамота е да се скрати буџетот на МКЦ за 92%! Срамота е форсираното политизирање на една од најлегитимните и најработливите културни установи во Македонија. Срамота е постојаниот обид за угнетување на оние кои уживаат во правење и восприемање на уметност различна од популарната, посебно на младите кои се борат за трошките“, велат во прогласот Гола планина.
Ова е вторпат јавноста да се побуни против политичкото влијание врз МКЦ, една од најживотворните културн и институции во земјава. Во јуни 2019, 250 независни уметници и културни работници со отворено писмо побараа од тогашниот премиер Зоран Заев да спречи менување на тогашниот в. д. директор на МКЦ Русе Арсов и поставување на пејачот Бени Шеќири на директорската функција, а обајцата беа единствените пријавени на конкурсот на Град Скопје објавен во февруари 2019. Во отвореното писмо рекоа дека ако Шаќири биде назначен за директор ќе дојде до нарушување на континуитетот на работа на МКЦ. Тогашниот скопски градоначалник Петре Шилегов рече дека јавноста предвреме суди за Шаќири. Тогаш на социјалните мрежи одеше кампања под наслов #НеГоЧепкајтеМКЦ. Во ноември 2019, Град Скопје го поништи конкурсот и Арсов остана в. д. директор, сè до декември 2021, кога даде оставка од здравствени причини. На негово место градоначалничката Данела Арсовска го назначи Ванчо Богоев.
Бени Шаќири, кој претходните години редовно пееше на митинзите на СДСМ, на локалните избори 2021 беше кандидат за градоначалник на коалицијата ДОМ и ЛДП и освои 8.911 гласа во првиот круг, а пред вториот круг во трката меѓу Шилегов и Арсовска, рече дека на своите гласачи нема да им кажува за кого да гласаат, но дека тој не би сакал Шилегов да биде градоначалник.