1 Американците и Европска унија рекоа дека за кредибилни извори се потребни реформи. Дури и Хан твитна дека реформите се поважни од датумот за избори. И другиот ден – одма реформи. Најважна реформа е аболиција за кривични дела поврзани со изборите.
Како што поминува времето, сè повеќе ми станува јасно зошто претседателката на Уставниот суд Елена Гошева пред извесно време забрани новинарско снимање на седниците на судот. За да не ги слушаме како звучат кога не си веруваат ни самите на себеси во тоа што треба да го спроведат. И да не ги гледаме, за да не им го следиме говорот на телото, за да не им биде непријатно. Па, тоа се сепак судии. Башка – уставни судии. Ако ништо друго, имаат минимум интелигенција штом успеале да завршат некакво школо.
Значи, имаме адвокат – приправник на кого му текнало да поднесе иницијатива до Уставен суд за да се овозможи претседателот да помилува и за кривични дела поврзани со изборни измами и насилства. Адвокатот дели канцеларија со друг адвокат, кој е бранител на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко, кои Специјалниот обвинител ги осомничи баш за дела поврзани со изборни измами. И сѐ тоа е случајно.
Нормален човек би прашал: Па добро, имаат ли усул? Основно домашно воспитување не би ти дозволило, ако веќе си го направил тоа, барем да не се појавуваш на телевизија. Ќе најдеме адвокат, уставните судии се наши, Ѓоле ќе потпише… Гласачите на Груевски, или, како што тој се фали, неговиот народ што ќе дојде по своето, веруваат ли во таа приказна? Или се импресионирани од тоа што му текнало на Миле?
Тие не нè прават глупави. Тие само продолжуваат да се однесуваат како улични силеџии на кои никој ништо не им може. И не се кријат. Реформи според извештајот на Прибе.
Е па, ај сега да кршиме гласачки кутии. Ни се може. Оти сме од „нашите“. За да продолжат нашите пари да одат во Белизе.
2 Во нормална држава претседателот има право да помилува осуденици. Тоа право му е дадено со Уставот. И во нормална држава претседателот може да помилува било кого. Ама не може да помилува за било какво дело. Па дури и да нема никакви законски ограничувања, оти Уставот е посилен од закон, на ниеден нормален претседател не би му текнало да помилува за дела за кои едноставно нема милост.
Арно ама, ако веќе беше направен преседанот кога Борис Трајковски ја аболираше Доста Димовска за аферата за прислушувањето во 2001, а Бранко Црвенковски го аболираше Заев за „Глобал“ во 2008, зошто тогаш и на Ѓорге Иванов да не му се најде работа. Башка што, евентуалната одлука на Уставниот суд да му ги укине ограничувањата на претседателот за помилувања, за Ѓоле ќе дојде и како еден вид унапредување. Оти до сега го третираа како фикус. А сега ќе му дадат и активна улога. Како печат. Штембил за заверка. Го вадиш од фиока кога ти треба, го употребуваш и пак го враќаш во фиока.
3 До пред само три-четири недели, кога си даваше оставка од премиерското место Груевски се закануваше дека ќе го гледаме секој ден. Море проекти, море дела, па промоција на книги, чешми, игралишта… И одеднаш минатиот викенд го снема. Четири – пет дена го немаше. Како што странците се обидуваа на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да му ја врачат оценката дали има услови за нормални избори на 24 април, така и животот во Македонија замре. Ни проекти, ни дела, ни инвестиции, ни игралишта… Сител не можеше да го пополни терминот за вести, а Курир ја изгуби смислата на своето постоење.
Што си мислеше Груевски? Дека ако не ја прими оценката од странците оти нема услови за нормални избори на 24 април, оценката нема да постои? Дека не се важи тоа што го потпишал заедно со нив лани летото во Пржино? Ќе се налутам и ќе си ја земам топката сам да си играм фудбал. Груевски викаше: „Ќе ме гледате секој ден.“ Ама не кажаа – „освен ако не згусти“. Впрочем, тој и друг пат знаел да се скрие. Како во 2008 година, кога владината одлука за признавањето на Косово ја потпиша тогашниот вицепремиер Ивица Боцевски. И како што во 2011, одлуката за автентично толкување за амнестирање на Хашките случаи во Македонија ја потпиша тогашниот вицепремиер Васко Наумовски.
Тоа Пи-Ар агенцијата што со илјадници долари ја плаќаат во Америка тоа ли го учи? Да бега кога е густо?
Па и во неделата го чекавме да се појави до еден саат по полноќ. Се јави дури откако сѐ беше завршено. Откако неговите пратеници ја изгласаа одлуката со која ја поништија сопствената одлука од пред нецел месец. И откако го остави само Илија Димовски цел викенд да зборува дека ќе има избори на 24 април. А во меѓувреме, Емил Димитриев пишуваше на Фејсбук дека треба да биде сменет, за Груевски пак да биде премиер. Како ли му текна? Стана сабајлето, се виде во огледало и си рече: „Јас сум премиер, и јас сум Македонија, ама ВМРО веќе стварно мора да дојде на власт.“
4 Во Советот на градот Скопје имаше расправа за нови барокни фасади со кои ќе се преслекуваат зградите во центарот. Опозицијата обвини дека градот непотребно троши пари. А градоначалникот Коце Трајановски рече дека за новите фасади нема да се трошат пари од градскиот буџет, туку ќе биле донација од Владата. Божем тоа прави разлика. Божем министрите на ВМРО и ДУИ, а богами и овие новиве од СДСМ од џеб извадија пари за да донираат за фасади.
Важно е дека Коце си најде оправдување. Важно е дека не троши пари на неговите граѓани. А и на Скопјани им лекна штом и другите ќе плаќаат за нивните фасади. Добро е што сите мислат на Скопјани. Којзнае колку се горди жителите на општина Кривогаштани што ќе донираат за гипсениот барок во главниот град. Речиси исто толку горди колку жителите на Карбинци и на Чашка. Тие се дури и во поповолна положба од жителите на главниот град. Ќе платат, ама барем не мора секој ден да ги гледаат зградите.
5 За разлика од фасадите, Градот Скопје има пари да ги опреми средните училишта со топки. Пред некој ден на свеченост беа поделени 963 топки. При доделувањето на топките Трајановски истакна дека „оваа убава глетка на разнобојност, шареноликост на топките од најпознатите светски брендови е уште еден придонес на градот“. И дека со делењето на топките „градот ќе придонесе за уште поголеми достигнувања во оваа област“, оти имало успеси „не само на резултатска, туку и во квантитативна смисла“…
На свеченоста дури и директорката на гимназијата дала изјава со која изразила „задоволство што во нејзиното училиште се организира овој настан на делење топки“. Каков настан, каква помпа, какво достигнување…Чиниш лабораторија на НАСА се отворила во Скопје. Толку исцрпна и аналитичка опсервација за делење топки не сме чуле никогаш. А топки се делеле и во минатото. Во 2010 биле поделени 693 а во 2013 година дури 840 топки. Ама годинашниве топки се клучни оти идат избори.
Можеме спокојно да ги чекаме изборите на 5 јуни. Добивме топки. Останува уште да видиме кој ќе го јаде стапот.
Е па, ај сега да кршиме гласачки кутии! За кого? Како за кого? Па за Македонија!