СОВЕТНИЦИТЕ ОД СДСМ БАРААТ ВОНРЕДНА СЕДНИЦА ОТИ ГРАД СКОПЈЕ Е ПРЕД БАНКРОТ, СЛАВЕСКИ ЧЕКА АРСОВСКА ДА ДОСТАВИ ИЗВЕШТАЈ ЗА СОСТОЈБАТА

    СОВЕТНИЦИТЕ ОД СДСМ БАРААТ ВОНРЕДНА СЕДНИЦА ОТИ ГРАД СКОПЈЕ Е ПРЕД БАНКРОТ, СЛАВЕСКИ ЧЕКА АРСОВСКА ДА ДОСТАВИ ИЗВЕШТАЈ ЗА СОСТОЈБАТАСлавески вели дека чека извештај за финансиската состојба за да имаат советниците увид во ситуацијата и да знаат за што ќе дискутираат. (Фото: К. Попов)

    Советниците од СДСМ во Советот на Град Скопје денеска доставија барање за вонредна седница поради блокираната сметка и лошата финансиска состојба на Градот. Барањето е доставено до претседателот на Советот Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ, кој треба да закаже седница.

    „Поради неспособноста и расипничкото трошење на народните пари од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска Град Скопје е со блокирана сметка и се наоѓа пред банкрот. Дополнително, јавните претпријатија едвај функционираат, јавниот превоз е во колапс, а извесен период не функционираше ниту градската администрација затоа што немаа основни средства за работа. Граѓаните мора да знаат каде завршиле нивните пари. Станува збор од најмалку 100 милиони евра од редовниот буџет, но и дополнителни 13 милиони евра што претходната градска администрација ги остави во градската каса. ВМРО-ДПМНЕ која го има мнозинството во Советот, да се охрабри и преку претседателот на Советот Трајко Славевски кој доаѓа од нивните редови, да закаже седница што побрзо, затоа што опасноста од банкрот на Градот секој ден станува сè поголема“, рече координаторката на советничката група на СДСМ Љубица Јанчева.

    Претседателот на Советот Трајко Славески за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека веднаш штом го добил барањето за вонредна седница испратил барање до градоначалничката Данела Арсовска да се достави до советниците извештај за финансиската состојба на Градот.

    „Штом ќе го добиеме извештајот ќе се закаже седницата. Потребен е извештај за да имаме матeријали и увид во ситуацијата, односно за да знаеме за што ќе дискутираме “, изјави Славески.

    ВМРО-ДПМНЕ нема никаква реакција за лошата финансиска состојба на Градот ниту пак побара вонредна седница на која ќе се бараат одговори од Арсовска зошто Градот е доведен пред банкрот.

    Арсовска на локалните избори беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ,  но се скараа во септември лани околу милионискиот тендер за пречистителна станица во Скопје.

    САКАМДАКАЖАМ.МК на 11 мај објави дека буџетската сметка на Град Скопје е блокирана поради тужба кон Градот за предмет стар 10 години, за кој судскиот процес завршил пред извесно време и сега со присилна наплата се повлекуваат парите. Дополнително, наши извори тврдат дека Градот веќе извесен период има финансиски проблеми, односно на сметката на дневна основа имаат од 10 до 20 милиони денари.

    Од кабинетот на Арсовска, откако беше објавен текстот, испратија соопштение во кое тврдат дека сметката не е блокирана и не е загрозено финансиско-материјалното работење на Градот.

    Откако беше објавено дека Градот е пред банкрот, Арсовска не се појавила во јавност ниту одржа прес-конференција на која ќе даде појаснувања за финансиската состојба на институцијата која таа ја раководи изминатава година и пол.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира