БУГАРИЈА Е ПОМАЛКУ ВАЖНО БИЛАТЕРАЛНО ПРАШАЊЕ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ, ЗА НАС СЕ ВАЖНИ РЕФОРМИТЕ И АНТИКОРУПЦИЈАТА, ВЕЛИ ХОЛАНДСКИОТ АМБАСАДОР КОП

    БУГАРИЈА Е ПОМАЛКУ ВАЖНО БИЛАТЕРАЛНО ПРАШАЊЕ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ, ЗА НАС СЕ ВАЖНИ РЕФОРМИТЕ И АНТИКОРУПЦИЈАТА, ВЕЛИ ХОЛАНДСКИОТ АМБАСАДОР КОПАко Преамбулата на Уставот се смени, тогаш втората фаза од преговорите е автоматска и не може да има вето таму, вели амбасадорот Коп. (Фото: СДК.МК)

    Менувањето на Преамбулата на Уставот е гаранција за почеток на новата фаза од преговарачкиот процес на Македонија со ЕУ, вели холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп во интервју за Радио Слободна Европа. Коп остро ги критикува состојбите во судството и слабата борба против корупцијата во земјава, и вели дека Бугарија ја сметат за помалку важно, билатерално прашање поврзано со евроинтеграциите.

    „Втората фаза ќе почне во моментот кога Северна Македонија ќе ја смени Преамбулата во Уставот за да го вклучи бугарското малцинство, заедно со седумте етнички заедници кои се веќе споменати во Уставот. Заклучоците од Советот минатото јули јасно кажуваат дека штом Северна Македонија ги усвои уставните измени, веднаш ќе почне втората фаза, и без каква било друга политичка одлука. Значи, да менувањето на Преамбулата во Уставот го гарантира почетокот на новата фаза. Тоа следува автоматски“, вели Коп.

    На прашањето како гледа Холандија на заканите од Бугарија за ново вето за Македонија, Коп вели:

    „Како што веќе реков, нема ново вето. Ако Преамбулата на Уставот се смени, тогаш втората фаза од преговорите е автоматска и не може да има вето таму. Исто така тоа не е толку многу важно. Земјата треба да ги заврши реформите. И тоа е единствениот начин да се влезе во Унијата. А скрининг процесот ќе даде јасно до знаење какви треба да се реформите и на крајот тоа е многу поважно од позицијата на Бугарија. Но, се согласувам со вас дека има преголемо внимание за ова прашање. Еве и вие веќе ми поставивте 3 прашања поврзани со оваа тема кога зборуваме за иднината на вашата земја. Но, дозволете ми да ве потсетам дека ова е билатерална обврска меѓу Северна Македонија и Бугарија. Тоа е договор меѓу двете земји. Холандија не е дел од тој договор и како такви немаме интерес за тоа. Но, постои можност ова да стане еден вид оправдување за да не се завршат реформите, тоа го одвлекува вниманието за да не се завршат работите кои се навистина важни, а Бугарија ја сметаме за помалку важно, билатерално прашање поврзано со евроинтеграциите“, вели Коп и смета дека се бесмислици изјавите на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе преговараат за подобар договор.

    „Нема подобар договор од овој. Овој е апсолутно најдобриот договор што Северна Македонија можеше да го добие. Според мене, ова што се случува е тоа што ВМРО-ДПМНЕ ризикува да биде одложено членството во ЕУ за најмалку за три, четири години и мислам дека тоа не е добар начин на однесување и може да биде разочарувачки, ако тоа се случи. Сега е моментот“, вели Коп.

    Холандскиот амбасадор вели дека не се гледа владин напредок во борбата против корупцијата, напротив смета дека работите се влошуваат.

    „Постои корупција насекаде, конфликт на интереси, влијание врз невладиниот сектор, непотизам, клиентелизам, а препораките од Државната комисија за спречување корупција и Народниот правобранител не се почитуваат од никој, ниту од Владата ниту од парламентот, ниту од Обвинителството. Всушност, годинешниот извештај од Антикорупциската комисија покажува дека 10 проценти од претставките се процесирани, тоа е многу помалку и во однос на 20-те проценти во извештајот од 2021 година, кој патем се уште не е разгледан од Парламентот во последните 2 години, нешто што требаше да се направи. Затоа нема причина за оптимизам. Како што кажав и порано, корупцијата е состојба на умот. Ја има насекаде. Таа е дел од менталитетот и треба да се смени сега, зошто ако сакате да сте во Унијата во процесот на преговори, оваа состојба со менталитетот и политичката волја заедно со неказнивоста која оди со тоа и која е најпрезирана од граѓаните, мора да се смени веднаш. Во спротивно желбата да бидете дел од ЕУ во 2023 година, ќе биде илузија“, вели холандскиот амбасадор Коп.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира