БУГАРИЈА НЕ СМЕЕ ДА ИМА ДРУГИ БИЛАТЕРАЛНИ УСЛОВИ ЗА ЧЛЕНСТВОТО НА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ, РЕЧЕ ШОЛЦ ПО СРЕДБАТА СО КОВАЧЕВСКИ ВО БЕРЛИН

    БУГАРИЈА НЕ СМЕЕ ДА ИМА ДРУГИ БИЛАТЕРАЛНИ УСЛОВИ ЗА ЧЛЕНСТВОТО НА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ, РЕЧЕ ШОЛЦ ПО СРЕДБАТА СО КОВАЧЕВСКИ ВО БЕРЛИНКовачевски и Шолц на церемонијата пред седиштето на кацеларот (Фото: Влада на РСМ)

    Германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека лично тој гарантира оти Бугарија не смее да има други билатерални услови за членството на Македонија во ЕУ. Ова Шолц го кажа одговарајќи на новинарско прашање дали за Германија е прифатливо Бугарија да поставува нови услови, на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во рамките на официјалната посета на Германија.

    „Бугарија не смее да поставува нови услови и тоа е јасно договорено, треба да биде редовен пристапен процес според постапките кои се управувани од ЕУ и не треба да дојде до други услови што се однесува до билатералната состојба. Зад тоа стојам јас“, рече Шолц.

    Тој кажа дека Германија сериозно ја сфаќа ЕУ перспективата на земјите од Западен Балкан, а за Македонија тоа важи посебно и рече дека мора да се направат уставните измени, со кои треба Бугарите да се стават во Уставот.

    „Имаме голема почит за македонскиот идентитет, јазик и историја и за огромните напори што ги вложува земјата со реформи кон ЕУ. Сега од централно значење е промената на Уставот. Знам дека тоа не е едноставен чекор, но потребен е за да се ослободи патот кон ЕУ“, рече Шолц.

    Премиерот Ковачевски кажа дека оваа Влада донесе многу тешки одлуки, а отварањето на преговорите за членство во ЕУ е можност за подобра и побогата иднина на нашите граѓани.

    „Процесот на преговори беше мачен и тежок, но факт е дека ние од тој процес излеговме како земја која успеала да се избори за своите позиции. Сега следи процесот на уставни измени. Очекувам дека сите партии ќе покажат државничко однесување и ќе донесат одлука која ќе биде подобра за нас, нашите деца и иднината на земјата. ЕУ е наша единствена цел, а подобар договор од овој пред нас нема, ниту некој може да обезбеди“, кажа Ковачевски.

    Премиерот му се заблагодари на канцеларот Шолц за резолуцијата која беше донесена во Бундестагот за признавање на македонскиот јазик, култура и историја.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира