ХОЛАНДИЈА Е НАЈПОСВЕТЕН ПРИЈАТЕЛ НА МАКЕДОНИЈА ВО СПРАВУВАЊЕ СО ГЛОБАЛНИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ, КАЖА АМБАСАДОРОТ ДИРК ЈАН КОП ВО ОХРИД

    ХОЛАНДИЈА Е НАЈПОСВЕТЕН ПРИЈАТЕЛ НА МАКЕДОНИЈА ВО СПРАВУВАЊЕ СО ГЛОБАЛНИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ, КАЖА АМБАСАДОРОТ ДИРК ЈАН КОП ВО ОХРИДОд отворањето на изложбата на победничките фотографии од глобалниот конкурс „Вода=живот“ од Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија.(Фото: СДК.МК)

    Во просториите на Касарна Хаб во Охрид вечерва беше отворена изложбата на победничките фотографии од глобалниот конкурс „Вода=живот“ организиран од Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија. Фотографијата на македонскиот фотограф Томислав Георгиев, на која е прикажан човек кој ги чисти водите на реката Црн Дрим, ја доби главната награда во конкуренција на 147 фотографи од целиот свет.

    Изложбата е дел од програмата за одбележување на триесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Холандија.

    Mакедонскиот фотограф Томислав Георгиев со победничката фотографија  на која е прикажан човек кој ги чисти водите на реката Црн Дрим. (Фото: СДК.МК)

    Холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп кажа дека Охрид е привлечно место за холандските туристи оти тука се среќаваат двете култури.

    „Во оваа посебна година кога одбележуваме 30 години дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Холандија, големо е задоволството да го прославиме нашиот јубилеј овде во Охрид, местото каде што нашите две култури најчесто се среќаваат и учат една за друга. Холандските туристи го открија Охрид во шеесетите и седумдесетите години на минатиот век благодарение на книгите на  Ден Долард и постојано се враќаат, сега со своите деца и внуци. Првите групи дојдоа овде за да ги видат магичните места што холандскиот писател ги опишува во своите книги, од кои некои сè уште постојат“, рече амбасадорот Дирк Јан Коп.

    Амбасадорот кажа дека Холандија продолжува да биде еден од најлојалните, најпосветените и најангажираните пријатели на Македонија во решавањето на глобалните и локалните предизвици. Според него брзиот развој на градежништвото го загрозува природното и културното наследство, двете најголемите добра на државата.

    „Некоординираниот и незаконски урбан развој, зголемената популација и несоодветниот третман на отпадните води и цврстиот отпад УНЕСКО ги наведува како главни закани за регионот на Охридското Езеро, област заштитена од оваа меѓународна организација. Во борбата со овие закани потребен е заеднички пристап на Владата, граѓанското општество, бизнисот и граѓаните“, истакна Јан Коп.

    Авторот на победничката фотографија Томислав Георгиев кажа дека честа да се победи на еден ваков светски позив каде има сериозни апликанти е голема.

    „За мене е престиж и императив да добијам една ваква награда. Сликата не е специјално фотографирана за овај конкурс, туку е од мојата архива. Го прочитав повикот и конкурирав со две фотографии. На победничката фотографија се гледа целиот немир на природата, на водата. Човекот пробува да го скроти, во овој случај да го исчисти Црн Дрим“, рече Георгиев.

    Организаторите глобалниот конкурс „Вода=живот“ порачаа дека водата е неопходна за животот на земјата, но за жал светот се соочува со невидени климатски предизвици.

    „Иако водата ја има насекаде, само 2,5 отсто од светската вода е свежа вода. Од оваа свежа вода, само мала количина (1 процент) е лесно достапна во езерата, реките и мочуриштата. Остатокот е заклучен во глечери (две третини) или скриен во подземните води (речиси една третина). Историјата, културата и иднината на Холандија се нераскинливо поврзани со водата. Затоа Холандија е посветена да ја вреднува водата како скапоцен и незаменлив ресурс“, рекоа организаторите.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира