ОБВИНИТЕЛСТВОТО ИСТРАЖУВА КРИМИНАЛ СО ЛЕКОВИТЕ ЗА РАК НА КЛИНИКАТА ЗА ОНКОЛОГИЈА, ОДЗЕМЕНИ КОМПЈУТЕРИ И ДОКУМЕНТАЦИЈА И ОД ДВА ПРИВАТНИ СТАНА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ИСТРАЖУВА КРИМИНАЛ СО ЛЕКОВИТЕ ЗА РАК НА КЛИНИКАТА ЗА ОНКОЛОГИЈА, ОДЗЕМЕНИ КОМПЈУТЕРИ И ДОКУМЕНТАЦИЈА И ОД ДВА ПРИВАТНИ СТАНАВо претресот на Клиниката за онкологија и во два стана, одземени се компјутери, компјутерски податоци и друга документација, кои ќе бидат предмет на анализа и вештачење. (Фото: К. Попов)

    Одземени се компјутери, компјутерски податоци и друга документација од Клиниката за онкологија и од два приватни стана при вчерашниот претрес од МВР и Обвинителството, а врз основа на предистражна постапка по текстовите на неделникот „Фокус“, како и на „Слободен печат“, за криминална бизнис-мрежа за препродавање скапа биолошка терапија за лекување на болните од рак на клиниката. Обвинителството соопшти дека се се обезбедуваат докази за испитување кривично дело.

    „Во текот на вчерашниот ден, врз основа на судска наредба, по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, припадници на МВР извршија претреси на Клиниката за онкологија, како и на уште две локации во приватни станови во Скопје. Притоа беа одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација, кои ќе бидат предмет на анализа и вештачење. Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи продолжуваат да преземаат дејствија во предистражна постапка, поведена врз основа на наводите во новинарски текстови на еден неделник поврзани со работата на Клиниката. Проверките се прават со цел обезбедување докази за да се испитаат евентуални обележја на кривично дело“, соопшти Обвинителството.

    Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити изрази „силна поддршка за акцијата на обвинителството и полицијата на Клиниката за онкологија“.

    „Како министер силно ги осудувам сите обиди или дејствија, на поединци или групи кои преку дискрециони овластувања и начини на носење на одлуки во сопствена корист, направиле ненадоместива штета врз здравјето и животот на пациентите, граѓаните и државата. Очекувам институциите да се произнесат брзо по однос на истрагата“, соопшти министерот Меџити.

    И Лекарската комора изрази голема загриженост за „вознемирувачките информации изнесени во медиумите за наводни злоупотреби со цитостатици на Клиниката за онкологија и радиотерапија“. Од таму велат дека ако се покажат вистинити, тоа ќе ќе знач голема повреда на правата на пациентите, но и непочитување на основните етички принципи во вршење на здравствената дејност.

    „Ниту еден пациент во нашата земја, особено онколошки пациенти кои се наоѓаат во животно-загрозувачка состојба не смеат во ниту еден момент да бидат доведени во ситуација да не им биде достапна во целост терапијата која се обезбедува со пари од буџетот на Фондот за здравствено осигурување или од Министерството за здравство, а уште помалку таа терапија да биде злоупотребена за лична корист на поединци. Лекарската комора дава поддршка на јавно-обвинителскиот систем и органите на истрагата кои очекуваме час поскоро да ги расчистат поставените сомневања и да споделат со јавноста точни информации за тоа што точно се случувало на оваа клиника, која е единствена здравствена установа од ваков тип во нашата земја и каде се лекуваат најголем број од пациентите кои имаат малигни заболувања“, вели Лекарската комора и додава дека ќе реагира во рамките на своите надлежности ако се докаже дека одредени лекари од оваа клиника сториле злоупотреби со кои ги повредиле етичките принципи и кодексот на медицинската деонтологија или нанеле директна штета на пациенти во процесот на лекување.

    „Слободен печат“ пред 9 месеци објави дека на Клиниката се крадат скапите лекови кои наместо да им се дадат на пациентите, се препродаваат на црниот пазар. Потоа со серија текстови во „Слободен печат“ беа презентирани информации според кои на досиеја на починати пациенти кои починале во 2014, во 2022 година Клиниката уште фиктивно раздолжува лекови.

    Неделникот „Фокус“ минатиот месец објави серија текстови за криминалот со препродавање скапа биолошка терапија на Клиниката за онкологија, која е воведена од 2019. Според изворите на „Фокус“, во оваа шема се вклучени повеќе лекари и медицински персонал на клиниката. Криминалот е вршен така што во системот се внесувале и блиски роднини на ексменаџментот на клиниката кои не се болни од рак, но лековите што се наменети за нив се препродавале. „Фокус“ објави и дека на дел од пациентите им се дава половична терапија без да знаат, со што скапата биолошка терапија завршува на црниот пазар, највeројатно во Косово.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира