САЛАТА „ПАРТИЗАН“ ВО СКОПСКИ КАРПОШ ГОТОВА НАРЕДНИОТ МЕСЕЦ, НЕ СЕ ЗНАЕ ДАЛИ ЌЕ ЈА СТОПАНИСУВА ОПШТИНАТА КАРПОШ ИЛИ ЌЕ СЕ ДАДЕ НА ПРИВАТНИК

    САЛАТА „ПАРТИЗАН“ ВО СКОПСКИ КАРПОШ ГОТОВА НАРЕДНИОТ МЕСЕЦ, НЕ СЕ ЗНАЕ ДАЛИ ЌЕ ЈА СТОПАНИСУВА ОПШТИНАТА КАРПОШ ИЛИ ЌЕ СЕ ДАДЕ НА ПРИВАТНИКСалата ја реконструира Агенцијата за млади и спорт, а по завршување на градежните работи ќе биде предадена на Општина Карпош, но не се знае кој ќе ја управува. (Фото: Влада)

    Салата „Партизан“ во скопската општина Карпош 4 ќе биде готова за еден месец, велат од општина Карпош. Со тоа по повеќе од 15 години овој култен спортски објект за скопјани, ќе биде повторно ставен во функција за спорт и рекреација.

    Салата ја реконструира Агенцијата за млади и спорт, а по завршување на градежните работи ќе биде предадена на Општина Карпош. Како ќе функционира салата односно кој ќе ја стопанисува, дали тоа ќе биде Општината или ќе биде дадена на приватна фирма како што беше претходно, кога пропадна, се` уште не се знае.

    „Не сме одлучиле се` уште кој ќе стопанисува со салата. Тоа ќе се одлучи откако ќе завршат градежните работи, кои се при крај и наредниот месец очекуваме да биде готова“, ни изјава градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски.

    Спортската сала „Наум Наумовски-Борче“  во населбата Карпош 4, или позата кај скопјани како „Партизан“ е изградена во 1969, како донација на француската влада за обнова на Скопје после катастрофалниот земјотрес во 1963.

    Салата во 2005 година од Јавното претпријатие за стопанисување со спортски сали беше дадена под концесија на 30 години на фирмата „Сенгруп“. Но, наместо да ја заживее, салата целосно пропадна, беше разурната, запалена, искршена, затрупана со бетон, цигли, ѓубре, шут, стакло и наликуваше дека во секој момент може да се урне.

    По серијата текстови на САКАМДАКАЖАМ.МК, Владата и Агенцијата за млади и спорт во април лани почнаа да ја реновораат салата, а вчера веднаш до салата почнаа градежни работи и за изградба на затворен базен.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира