Полицајка од СВР Скопје била удрена со кола бидејќи на сопственикот му пишувала казна за погрешно паркирање. Како што стои во билтенот на Министерството за внатрешни работи, на 4 октомври околу 12:40 часот, на улицата Френклин Рузвелт едно лице кое управувало патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки удрило во полициска службеничка која извршувала службени дејства.
Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, полицијата во средата имала акција на улицата Рузвелтова, која постојано е блокирана со паркирани возила. Пред кафулињата кои се наоаѓаат на улицата постојано има паркирано коли на гости кои седат во објектите. Настанот се случил пред едно од кафулињата каде што имало неколку паркирани возила. Додека полицајката ја пишувала казната, сопственикот на „бмв“ влегол во колата и со возилото ја удрил во ногата. Полицајката немала посериозни повреди и е во добра здравствена состојба.
Проблемот со паркирани коли среде коловоз во Скопје е секојдневие. На улиците каде што има кафулиња секогаш има паркирано коли на коловозот и со тоа се блокираат сообраќајот и движењето на граѓаните. Од непрописно паркираните коли не само што се закрчува сообраќајот, туку и возачите немаат прегледност.
А. АНТЕВСКА