ОЧАЈНИ ЗА ХРАНА, ВОДА И ЗАСОЛНИШТА, 2,3 МИЛИОНИ ЦИВИЛИ ВО ГАЗА БАРААТ СПАС ОД ПРЕТСТОЈНАТА ОФАНЗИВА НА ИЗРАЕЛ

    ОЧАЈНИ ЗА ХРАНА, ВОДА И ЗАСОЛНИШТА, 2,3 МИЛИОНИ ЦИВИЛИ ВО ГАЗА БАРААТ СПАС ОД ПРЕТСТОЈНАТА ОФАНЗИВА НА ИЗРАЕЛДосега загинаа 2.329 Палестинци, и над 1.300 Израелци, со што ова е најсмртоносната од петте војни во Газа за двете страни. (Фото: ЕПА)

    Во Газа 2,3 милиони цивили се борат за храна, вода и засолништа и се подготвуваат за претстојната инвазија од израелската војска, една недела откако милитантите на Хамас започнаа смртоносен напад врз Израел. Додека стотици илјади се обидуваа да ја послушаат наредбата на Израел за евакуација од северот, други се собраа во тамошните болници. ОН и хуманитарните групи велат дека таков брз егзодус, заедно со целосната опсада на Израел на крајбрежната територија долга 40 километри ќе предизвика невидени човечки страдања.

    Светската здравствена организација соопшти дека евакуацијата „може да биде еднаква на смртна казна“ за повеќе од 2.000 пациенти во северните болници, меѓу кои и новороденчиња во инкубатори и луѓе на интензивна нега. Болниците во Газа се очекува да останат без гориво за генераторите за итни случаи во рок од два дена, според ОН, кои велат дека тоа ќе ги загрози животите на илјадници пациенти. Газа веќе беше во хуманитарна криза поради зголемениот недостиг на вода и медицински материјали предизвикани од израелската опсада, а бидејќи снема гориво се затворија и електричните постројки. Се затворија и пекари, жителите се жалат дека не можат да купат ни леб за своите деца.

    Преминот Рафа меѓу Египет и Газа остана затворен и утрово, додека египетските власти продолжија со преговорите со Израел, САД и палестинските милитантни групи за да се дозволи проток на помош во опколениот појас и да им се дозволи на Американците и другите странци и ранетите Палестинци да преминат во Египет, изјавија две египетски официјални лица. Конвои со хуманитарна помош, вклучително и пратки од Турција и Јордан, чекаат во близина на преминот за испорака во Газа, велат тие.

    Израелските сили, поддржани од се поголемото распоредување на американски воени бродови во регионот, се позиционираат долж границата на Газа и изведуваат вежба за, како што вели Израел, широка кампања за разбивање на милитантната група. Еднонеделните жестоки воздушни напади уништија цели населби, но не успеаја да го запрат Хамас во ракетирањето на Израел.

    Министерството за здравство на Газа соопшти дека 2.329 Палестинци, меѓу кои многу жени и деца, се убиени од избувнувањето на борбите, повеќе отколку во војната во Газа во 2014 година, која траеше повеќе од шест недели. Со тоа ова е најсмртоносната од петте војни во Газа за двете страни. Повеќе од 1.300 Израелци се убиени, од кои огромното мнозинство биле цивили убиени во нападот на Хамас на 7 октомври што е најсмртоносната војна за Израел од конфликтот со Египет и Сирија во 1973 година.

    Израел фрли летоци над градот Газа на северот и ги обнови предупредувањата на социјалните мрежи, наредувајќи им на над 1 милион Палестинци – речиси половина од населението на територијата – да се преселат на југ. Војската вели дека се обидува да ги тргне цивилите пред големата кампања против милитантите на Хамас на север, вклучително и во, како што рече, подземните засолништа во градот Газа. Хамас ги повика луѓето да останат во своите домови.

    Стотици роднини на околу 150 луѓе заробени од Хамас во Израел и одведени во Газа во меѓувреме се собраа пред израелското Министерство за одбрана во Тел Авив, барајќи нивно ослободување. Во телевизиско обраќање синоќа, главниот воен портпарол на Израел го обвини Хамас дека се обидува да користи цивили како жив штит. Тој рече дена Израел наскоро ќе го нападне градот Газа, но не даде термин за нападот.

    Израел повика околу 360.000 воени резерви и масовно распоредува трупи и тенкови долж границата со Газа. Израелците кои живеат во близина на границата со Газа, меѓу кои и жителите на градот Сдерот, продолжија да се евакуираат. Милитантите од Газа истрелаа над 5.500 ракети од избувнувањето на непријателствата, а многу од нив стигнаа длабоко во Израел, додека израелските воени авиони ја бомбардираат Газа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира