Булеварите Илинден и 8 Септември во Скопје во вторник, 28 ноември, утре од 9 до 12 часот ќе бидат затворени за сообраќај, бидејќи Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе прави генерална проба поради одржувањето на 30. Министерски состанок на ОБСЕ, соопшти МВР.
„Поради одржување на генерална проба во врска со 30-тиот Министерски совет на ОБСЕ, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот. За сообраќај ќе бидат затворени булеварот Илинден од крстосница со булевар Свети Климент Охридски до крстосница со улицата Љубљанска кај „Сити мол“, како и булевар 8 Септември од крстосница со улица Скупи до крстосница со булевар Партизански Одреди“, велат од МВР.
Изменети траси ќе имаат линиите 7, 8, 15, 15А, 18, 19, 21А, 26, 29, 59, и 118.
Кои улици ќе бидат затворени в среда кога ќе пристигнуваат делегациите и в четврток кога ќе се одржи министерскиот состанок уште не е соопштено.
Четврток ќе биде неработен ден за сите вработени во државната и јавната администрација на подрачјето на град Скопје, како и за основните и средните училишта. Одлуката не се однесува на градинките и здравствените установи.
В среда, јавната администрација ќе работи во 12 часот.
А. АНТЕВСКА