ОД ПЕТТЕМИНА ПРИВЕДЕНИ ВО ВРСКА СО ИСЧЕЗНУВАЊЕТО НА ДЕВЕТТООДДЕЛЕНКАТА ВАЊА, ЗА ТРОЈЦА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОБАРА ПРИТВОР

    ОД ПЕТТЕМИНА ПРИВЕДЕНИ ВО ВРСКА СО ИСЧЕЗНУВАЊЕТО НА ДЕВЕТТООДДЕЛЕНКАТА ВАЊА, ЗА ТРОЈЦА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОБАРА ПРИТВОРВања исчезна во понеделникот (27.11.2023 година) наутро на пат кон училиште, во скопската населба Дебар Маало. (Фото:МВР)

    За тројца од петтемина приведени во врска со исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска, надлежен обвинител побарал вчера 48-часовен притвор. Само така може да останат лишени од слобода главните сомнителни, кои вчера беа уапсени од полицијата.

    „Предлогот пред Основниот кривичен суд Скопје за 48-часовен притвор на тројца од приведените, е со цел да биде обезбедено нивното присуство до целосно расчистување на настанот“, кусо кажаа денеска од Скопското обвинителство.

    Дополнија дека и денеска цел ден се преземаат дејствија за обезбедување докази.

    „Јавното обвинителство и МВР ќе ја информираат јавноста веднаш штом се создадат услови кои нема да ја нарушат постапката. Сите шпекулации кои имаат за цел да ја компромитираат истрагата во овој момент ќе бидат најостро санкционирани“, се заканија органите на откривање и на гонење криминал.

    Полицијата вчера приведе пет лица и обезбеди едно возило во врска со исчезнувањето на деветтооделенката Ѓорчевска.

    Вања исчезна во понеделникот (27.11.2023 година) наутро на пат кон училиште, во скопската населба Дебар Маало.

    МВР посебно предупредува, некогаш и неколкупати во денот, да не се шират шпекулации и лажни вести во врска со девојчето од кое нема ни трага ни глас скоро 7 дена. И терминолошки се дозволени само општи зборови како „исчезнување“, „исчезнатото“ девојче, а не и „киднапирање“ и други претпоставки, сето во интерес на што поефикасна потрага по Вања.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира