СКОПЈЕ БЕЗ НОВОГОДИШНО УКРАСУВАЊЕ, АРСОВСКА НЕ КАЖУВА ДАЛИ ЌЕ ГИ КИТИ ПЛОШТАДОТ И УЛИЦИТЕ ВО ЦЕНТАРОТ НА ГРАДОТ

    СКОПЈЕ БЕЗ НОВОГОДИШНО УКРАСУВАЊЕ, АРСОВСКА НЕ КАЖУВА ДАЛИ ЌЕ ГИ КИТИ ПЛОШТАДОТ И УЛИЦИТЕ ВО ЦЕНТАРОТ НА ГРАДОТНиту годинава Град Скопје не распиша тендер за новогодишно украсување или за набавка на украси. (Фото: К.Попов)

    Скопје е без новогодишно украсување, ниту се знае дали градот ќе има новогодишен амбиент како сите останати главни градови. Плоштадот Македонија и улиците во центарот на градот зјаат празни, без елка, светилки и новогодишни украси.

    Со доаѓањето на функцијата на градоначалничката Данела Арсовска повеќе не се распишува тендер за новогодишно украсување, ниту се организира новогодишен базар. Во изминатите две години, на десет дена пред Нова година се поставуваа елка на Плоштадот и неколку светилки, но кој ги поставуваше и како се плаќаа со оглед дека нема тендер, Арсовска не кажуваше. Кусо одговараше дека украсувањето е донација на општествено-одговорни компании.

    Ниту годинава Град Скопје не распиша тендер за новогодишно украсување или за набавка на украси. По доаѓањето на функцијата, Арсовска кажа дека повеќе немало да се даваат пари на приватни фирми за изнајмување украси, туку Градот ќе набави свои. Но, тоа не се случи.

    Од кабинетот на Арсовска, како и цел нејзин двегодишен мандат, не добивме одговор на прашањата дали градот ќе се кити и дали ќе има новогодишна прослава.

    За разлика од Град Скопје, со новогодишни украси и светилки е накитена Општина Центар, односно поголемите улици и паркови на нејзината територија. И годинава, новогодишен амбиент и новогодишен базар има во Крива Паланка. Општината и годинава ги украси плоштадот и главните улици, а се најавува и новогодишна програма.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира