Американската амбасадорка во Македонија Анџела Агелер е задоволна од подготовката на законските измени со кои на македонските државјани кои се означени на црната листа на САД, ќе им се забрани да бидат носители на јавни функции или да се вработат во администрацијата.
Амбасадорката констатира дека за жал, по секое ставање на лице на црната листа, граѓаните, а ни официјалните претставници во Македонија не се изненадени, бидејќи се знае и претходно дека тие лица се коруптивни и криминални.
„Сепак, најголемата сатисфакција е дека граѓаните ги ценат означувањата на коорумпирани лица на црната листа на САД“, вели Агелер.
Вицепремиерката Славица Грковска, задолжена за политики за добро владеење, минатата недела најави дека покренала иницијатива во Владата да се пристапи кон законски измени кои ќе оневозможат лицата кои се на листата на санкции на САД, на Европската Унија и на Обединетите Нации да бидат на каква било позиција или да се вработат во администрацијата. А на означено лице кое е во моментот на функција, според измените мандатот веднаш ќе му биде прекинат.
„Затоа што однесувањето како ништо да не се случило, по изрекувањето на таквите санкции ја урива довербата во институциите и не придонесува кон градење на систем во кој што граѓаните можат да имаат доверба“, кажа Грковска.
Агелер е длабоко разочарана дека во изминатите 32 години колку што имаме меѓусебни односи, САД издвоија над 500 милиони долари за владеење на правото и добро владеење во Македонија, а гледаме епидемија на корупција во земјата, и тоа во секој сектор, во секоја организација.
„Оттаму, само со именување на корумпираните актери ние можеме да почнеме да ѝ помагаме на оваа земја да се справи со тоа“, вели амбасадорката.
Според неа, во последните 10 години има значително зголемување на корупцијата во земјата и вели дека „црната листа“ на САД на која, само во последните 8 месеци, се најдоа повеќе познати имиња на политичари и бизнисмени, е обид да им се помогне на македонските власти да почнат да се справуваат со проблемите.
Ќе има нови имиња со корумпирани функционери и бизнисмени, кажа таа.
Поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев е најновото име додадено на црната листа на САД. Претходно осамнаа имињата на Сергеј Самсоненко, Рамиз Мерко, Орце Камчев, Ратка Камчева, Сашо Мијалков и Никола Груевски.
Амбасадорката на САД одговори дека иако американските власти само врз база на цврсти докази означуваат, односно санкционираат корумпирани личности на листата, нема информација дека нашите истражни органи се обратиле директно или преку меѓународна правна помош да се запознаат со тие докази или да ги земат на обработка со цел отворање на истраги.
С. К. ДЕЛЕВСКА