ВО СУДОТ РАСПРАШАНИ БЕКИМ НЕЗИРИ И УШТЕ ТРОЈЦА НАПАЃАЧИ НА РАДАРСКАТА КУЛА НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ, ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР, НО НЕ ЗА ТЕРОРИЗАМ

    ВО СУДОТ РАСПРАШАНИ БЕКИМ НЕЗИРИ И УШТЕ ТРОЈЦА НАПАЃАЧИ НА РАДАРСКАТА КУЛА НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ, ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР, НО НЕ ЗА ТЕРОРИЗАМНезири вчера ги спровел 7-темина насилници, надворешни лица, им ја отклучил вратата на радарската соба со својата картичка, и им овозмоќол на бандитите дојдени од надвор да нападнат и повредат контролор на летање (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Осумтемина напаѓачи на Контролната кула на Скопскиот аеродром не се осомничени за тероризам, иако во моментот на нападот нападнатите контролори контролирале да не се судрат 28 авиони на небото над Македонија.

    „Осомничените на 4 јануари, со заедничко дејствие на извршување, сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје, незаконски и со намера да извршат дело на насилство против лице ги попречиле услугите на аеродромот. Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години. Јавниот обвинител, ценејќи дека во конкретниот случај постои опасност од бегство, можност осомничените да влијаат врз постапката или да го повторат делото, до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за четворица осомничени кои се лишени од слобода, додека по останатите четворица се трага“, соопшти Скопското јавно обвинителство.

    При крај е запознавањето на судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје за околностите за бегство, бришење на докази и за влијание врз сведоците на Беким Незири, главниот на ДУИ во Чаир, и на уште тројца од вчерашните напаѓачи на Контролната кула на Скопскиот аеродром, кажаа од Јавното обвинителство (ОЈО) Скопје.

    Тие четворица по кои МВР трага,  се надворешни лица кои не се вработени во М-НАВ. Не се знае дали се лоцирани и уште колкумина од насилниците кои нападнаа контролори на летање вчера во заклучената радарска соба, ќе бидат вечерва или утре донесени пред судија на претходна постапка.

    Вчера по прес-конференцијата на претседателот на Синдикатот на контролорите на летање на Македонија Александар Тасевски, предводени од вработениот Беким Незири, седуммина насилници влегле во зградата на М-НАВ и заклучената радарска соба за контрола на авионите кои слетуваат, полетуваат и летаат над Македонија, им ја отклучил тој со својата картичка. Насилниците точно знаеле кого бараат – контролор на летање Албанец, затоа што излегол и му дал поддршка на Синдикатот и на Тасевски, како и на останатите два синдиката во М-НАВ.

    Откако го нашле, тие го нападнале, го истепале и го повредиле. Тоа денеска директорот Фахрудин Хамиди го нарече „мало кошкање“, а Тасевски кажа дека колегите во тој момент биле под силен стрес, бидејќи на небото „сечеле“ најмалку 36 авиони. Рече дека е среќа што контролорите постојано се обучуваат за стресни ситуации, за дојави за бомби во авиони, за терористички напади на нивните работни места и во авиони, за киднапирања на авиони и друго, па  останале смирени додека насилниците го тепале нивниот колега и не дошло до катастрофа на небото.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира