ДО ДЕНЕС НЕМАМ ПРОМАШЕНО ИЗБОРИ, ВЕЛИ 87-ГОДИШНАТА ВЕРА ДИМИТРОВСКА ОД БИТОЛА

    ДО ДЕНЕС НЕМАМ ПРОМАШЕНО ИЗБОРИ, ВЕЛИ 87-ГОДИШНАТА ВЕРА ДИМИТРОВСКА ОД БИТОЛАВо Битола на овие избори има 4.635 гласачи помалку отколку за локалните избори во 2021 година.(Фото: СДК.МК)

    Со бастун в рака и без ничија друга помош, 87-годишната битолчанка Вера Димитровска уште од 9 часот утрово се појави на гласачкото место да гласа во првиот круг на претседателските избори. Вели дека досега не пропуштила да гласа на ниедни избори.

    „Најголема доверба имам во државата, па што ќе избере народот нека биде. Јас си го дадов гласот. До денес немам промашено избори, редовна сум. Се надевам на добро“, ни рече Вера Димитровска, која порано работела како одделенска наставничка.

    Драгица Талевска (86) исто така рече дека редовно гласа, но не е задоволна со иселувањето на младите од државата.

    „Ближам 90 години и редовно гласам. Голема грешка е што младите се иселуваат. Красни деца имаме, но треба да им се помогне овде да останат. Во оваа Бабам Битола јас сум родена 1938 година, а сега Битола е село“, вели Талевска.

    Иселувањето во Битола се одрази и врз бројката на гласачи заведени во Избирачкиот список, каде за овие избори има 4.635 гласачи помалку отколку за локалните избори во 2021 година. На ниво на држава бројот на гласачи е намален за околу 10.000 во споредба со минатите избори, од кои скоро половина се во Битола. Од сите општини во државата Битола е со најголем број избирачки места, 170.

    Неофицијално, одјавени поради иселување има 5.750 битолчани кои се заведени на посебниот Избирачки список. Но, и ова не е конечна бројка затоа што има лица кои се на привремена работа во странство, немаат направено промена на адресата и се водат на Избирачкиот список како жители на Битола.

    До 11 часот на избирачките места низ државата гласале 12,78 отсто од гласачите или 229.473 гласачи, соопшти Државната изборна комисија (ДИК), а изборите се одвиваат мирно, без пријавени нерегуларности. Во Битола до 11 часот излезноста е 16.45%.

    За денешните претседателски избори во Избирачкиот список се запишани 1.814.317 граѓани.

    Во првиот круг има 7 претседателски кандидати и тоа: досегашниот претседател Стево Пендаровски, Гордана Силјановска, Стевчо Јакимовски, Бујар Османи, Билјана Ванковска, Арбен Таравари и Максим Димитриевски.

    Вториот круг на претседателските ќе се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира