ДУИ И АЛИЈАНСА НА СЕЛА СЛАВЕА СО ЗУРЛИ И ТАПАНИ ВО ТЕТОВО ЗАТОА ШТО ОСМАНИ ОСВОИЛ ПОВЕЌЕ ГЛАСОВИ ОД ТАРАВАРИ

    ДУИ И АЛИЈАНСА НА СЕЛА СЛАВЕА СО ЗУРЛИ И ТАПАНИ ВО ТЕТОВО ЗАТОА ШТО ОСМАНИ ОСВОИЛ ПОВЕЌЕ ГЛАСОВИ ОД ТАРАВАРИСпоред првичните неофицијални резултати на Државната изборна комисија (ДИК) од првиот круг по над 88 отсто преброени гласови, Османи иман скоро 32.000 гласови повеќе од Таравари, но ниеден од нив двајцата не оди во вториот круг. (Фото: СДК.МК)

    Вечерва во Тетово ечеа зурли и тапани со кои ДУИ и Алијанса на Албанците на Села, заедно со коалиционите партнери, славеа затоа што нивниот претседателски кандидат Бујар Османи освоил повеќе гласови од неговиот конкурент Арбен Таравари од коалицијата Вреди на првиот круг на претседателските избори. Според првичните неофицијални резултати на Државната изборна комисија (ДИК) од првиот круг по над 88 отсто преброени гласови, Османи иман скоро 32.000 гласови повеќе од Таравари. Но ниеден од нив двајцата не оди во вториот круг, каде ќе се борат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова и на СДСМ Стево Пендаровски.  Силјановска убедливо победи во првиот круг со над 140.000 гласови повеќе од Пендаровски.

    Тетовските улици во центарот на градот беа преполни со автомобили кои со сирените прославуваа успех на коалицијата. На бината на плоштадот пред неколку стотини членови на партиите и симпатизери им се обратија Али Ахмети, Зијадин Села, како и лидерите на коалиционите партнери.

    Претходно, во штабот на ДУИ, на прес конференција Бујар Османи кажа дека, иако не влегол во вториот круг од претседателските избори, тие слават затоа што освоиле повеќе гласови од албанската опозиција.

    „Дозволете да објавам во име на Фронтот за Европа прелиминарни резултати за една длабока победа на Фронтот наспроти албанската опозиција со над 40 илјади гласа и со победа во речиси сите општини до една во земјата и победа во сите поголеми градови, но и поголеми и помали општини во државата“, изјави Османи.

    Според Османи, резултатите од денешното гласање покажале дека има етничка поделеност при гласањето.

    „Сè уште има впечаток дека граѓаните повторно не излегле целосно од етничката бариера помеѓу Македонците и другите етнички заедници, што сè уште зборува за едно поделено општество, меѓутоа се надеваме дека сепак граѓаните ја пратија пораката на заедништво коешто Фронтот за Европа ја лансираше за Северна Македонија како држава за еднакви можности на сите граѓани, соживот, хармонија и иднина во Европската унија“, рече Бујар Османи.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира