Пред две недели по првиот круг на претседателските избори на градскиот плоштад во Тетово прославуваше ДУИ, а вечерва славеа членовите и симпатизерите на Коалицијата ВЛЕН (Вреди). Стотици од нив со возила ги преплавија тетовските улици во центарот на градот, а на плоштадот, како по традиција кога се слави некоја победа, се ечеа гласните звуци на зурлите и тапаните, а неизбежен беше и огнометот.
Од коалицијата ВЛЕН велат дека иако очекуваат да имаат помалку гласови, таа разлика со ДУИ очекуваат да биде минимална поради што ваквиот резултат го сметаат за нивна победа и можност да бидат дел од идната Влада.
Според резултатите од Државната изборна комисија (ДИК) од 89,04% преброени гласови, ВЛЕН освои 98.325 гласови или 11,03%, што им носи 13 пратеници, а ДУИ освои 126.171 гласови или 14,16% што им носи 18 пратеници, СДСМ освои 133.913 гласови или 15,02%, што е 19 мандати, а ВМРО-ДПМНЕ 383.601 гласови или 43,04% што е 59 пратеници.
„Според анализата која ја имаме најверојатно ќе излеземе подеднакво со владејачката коалиција на ДУИ. Разликата во гласови нема да помине 10.000“, кратко изјави Билал Касами.
Арбен Таравари вели дека очекувал ваков изборен резултат и е убеден дека ВЛЕН ќе биде дел од идната Влада.
„Сите наши анализи покажуваа дека разликата ќе биде еден или два пратеници, колку што тие имаа гласови од малцинствата. Инаку кај Албанците дефинитивно ВЛЕН има легитимитет. Следниот чекор е да седнеме и да се договориме за идната влада“, посочи Таравари.
Во центарот на Тетово, покрај голем број членови и симпатизери на ВЛЕН кои неколку часови славеа, забележливо беше и присуството на специјалните единици на полицијата, чија задача беше да спречат да не дојде до несакани конфликти помеѓу приврзаниците на ДУИ и ВЛЕН.
Во седиштето на ДУИ во Мала Речица, прес конференција одржа лидерот на ДУИ Али Ахмети во присуство на неговите коалициони партнери. Од ДУИ велат дека според освоените гласови, тие се втората политичка сила во државата.
„Ние сме втората политичка сила. Реално наш противник беше ВМРО-ДПМНЕ кој им помогна многу на ВЛЕН, но разликата меѓу Европскиот фронт и ВЛЕН е над 30.000 гласови. Значи дека граѓаните, Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите, кои работеле во состав на Фронтот се за бескомпромисно членство на земјата во Европската Унија како единствена алтернатива, не само за гласачите на Фронтот туку и за сите граѓани на Република Северна Македонија. Ние како фронт од овој изборен циклус излегуваме со 19 мандати“, изјави Али Ахмети.
З. АНДОНОВ