ОДЗЕМЕН ИМУНИТЕТОТ НА ВРХОВНИОТ СУДИЈА ГЕОРГИЕВ, ЧЛЕНКАТА НА СУДСКИОТ СОВЕТ ЛОРЕТА ГЕОРГИЕВА КОЈА ПРЕТХОДНО ГО СПАСИ ОД РАЗРЕШУВАЊЕ, НЕ ДОЈДЕ НА СЕДНИЦАТА ЗАШТО НЕМАЛА ПРЕВОЗ

    ОДЗЕМЕН ИМУНИТЕТОТ НА ВРХОВНИОТ СУДИЈА ГЕОРГИЕВ, ЧЛЕНКАТА НА СУДСКИОТ СОВЕТ ЛОРЕТА ГЕОРГИЕВА КОЈА ПРЕТХОДНО ГО СПАСИ ОД РАЗРЕШУВАЊЕ, НЕ ДОЈДЕ НА СЕДНИЦАТА ЗАШТО НЕМАЛА ПРЕВОЗИстите тие членови на Судскиот совет кои ја послушаа колешката Лорета Георгиева и гласаа да се отфрли претставката против Наќе Георгиев, ноќеска му го одзедоа имунитетот и му го одобрија притворот, само што се изгубија месеци и на Советот му залепија уште еден минус, за конечно да го допре дното (Фото: СДК.МК)

    Судскиот совет на седницата по полноќ му го одзеде судискиот имунитет на уапсениот врховен судија Наќе Георгиев од Струмица, за кого истрагата не застана само на фатените бележани пари 10.000 евра што ги зел како мито, туку продолжи во неговата канцеларија и на негов личен имот. Георгиев, вчера е уапсен во моментот кога зема пари за да му заврши работа, односно услуга на обвинет и да издејствува најблага казна за него.

    На затворена седница Советот го одобри барањето за одобрување мерка притвор за Георгиев. Воедно, времено го оддалечи од вршењето судиска функција до правосилна разрешница на почнатата кривична постапка против него.

    Пред членовите на Судскиот совет да изгласаат затворање на седницата за јавност, претседателката Весна Дамева ги прозва присутните 8 колеги и двајцата кои се на одмор, Антоанета Димовска и Сашко Георгиев, кои се беа вклучиле на вибер за итната седница за имунитетот и притворот на Георгиев.

    Не дојде само членката Лорета Георгиева, сограѓанка на Наќе Георгиев од Струмица.

    „Колешката кажа не можела да дојде, побара да ѝ се организира превоз. Судскиот совет не може да организира превоз“, кажа Дамева.

    Не беше присутна ни претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, која не само што нема право на глас во Судскиот совет, туку тоа време била во  зградата на Врховниот суд бидејќи таму 30-ина истражители вршеа до доцна претрес во канцеларијата на Наќе Георгиев.

    Лорета Георгиева зимата имаше предмет-иницијатива за разрешување на Наќе Георгиев, поднесена од бизнисмен кој тврдеше дека го оштетил со над милион евра. Иако оштетениот во детали опишал како во два наврата пониските судови, основниот и апелациониот суд решавале во негова корист, а само кога предметот ќе го земел (граѓанскиот врховен судија) Георгиев, тој одлучувал спротивно од овие две судски инстанци, сепак Георгиева во еден долг говор на седница на Судскиот совет, ги убедуваше членовите дека тој постапувал совесно и стручно.

    Подносителот на претставката неколку пати праша: Како може 8 судии (од двата пониски суда) да мислат двапати сите исто дека тој е во право, а само Георгиев да го мисли спротивното и да носи одлуки на негова штета од над милион евра?

    Но, Лорета Георгиева во долгата одбрана на Наќе Георгиев беше поддржана од групата членови на Советот кои незаконски заедно со неа ја сменија од претседателската функција. Откако го исчистија Наќе Георгиев, тој без проблем учествуваше на избор за член на Советот, кога беше и единствен кандидат на листата.

    Истите тие членови на Судскиот совет кои ја послушаа колешката Лорета Георгиева и гласаа да се отфрли претставката против Наќе Георгиев, ноќеска му го одзедоа имунитетот и му го одобрија притворот, само што се изгубија месеци и на Советот му залепија уште еден минус, за конечно да го допре дното.

    Во правосудните кругови синоќа се прошири информацијата дека при земањето на поткупот, со Георгиев и обвинетиот (давателот на 10-те илјади евра означени пари), бил и член на Советот на јавни обвинители или обвинител. Истражителите го истражувале и него, засега не е притворен.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира