ЗА СРЕЌА, СМРДИ

Нека не ни продаваат басма дека граѓаните ги гласале затоа што сакаат да имаат повеќе министри.

ЗА СРЕЌА, СМРДИ

1 Те гласале половина милион граѓани и првата работа што ќе ја направиш кога ќе дојдеш на власт е да направиш четири нови министерства.  Првата работа за којашто се фати новото парламентарно мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ е промена на Законот за организација и работа на органите на државната управа. Искрено да ви кажам, кога ќе ќе ја слушнам фразата „органи на државната управа“ првото нешто што ми паѓа на памет е зборот „пауза“, пораката: „дојдете друг пат, колешката/колегата не е тука, не знам кога ќе се врати“, оправданието „системот не работи“ и најмачната дилема за решавање овој период од годината кога треба да се доискористи ланскиот одмор: „на првиот, или на вториот крак на Халкидики?“.

Мандатарот за состав на нова Влада Христијан Мицкоски предложи измени на законот, со кои наместо досегашните 16, Владата ќе има 20 министерства и наместо досегашните 20 министри, кој со ресор, кој без ресор, неговата Влада заедно со него ќе брои 24 министри. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара од сите пратеници „во име на реформите“ да ги поддржат овие измени, повикувајќи се на огромната поддршка што коалицијата „Твоја Македонија“ ја доби на изборите.

Образложувајќи ја потребата од нови министерства, тој рече дека станува збор за „преспитување и рационализација со можност за спојување или укинување на одредени државни органи“. Значи, професорот објасни математички прецизно, како и секогаш кога објаснувал нешто и особено кога искажувал став.

Во неговата математика минус и минус даваат плус, па така и зборот рационализација значи повеќе. Повеќе гласови на избори, повеќе министерства. Поголема партија на власт, повеќе членови за задоволување на нивните потреби. Повеќе министерства, повеќе заменици-министри, повеќе кабинети, повеќе советници, повеќе соработници, повеќе коли, повеќе дневници…

Додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција секогаш се бунеше и обвинуваше за злоупотреба кога СДСМ и ДУИ во Собранието носеа закони по скратена постапка. Арно ама, сега на ВМР0-ДПМНЕ и Коалицијата „Вреди“ сите постапки им се битни, па мора и законите да се итни. Не се делат само министерските места. Над 3.000 државни институции се во прашање. Па брзаат во налет законски да ги обезбедат местата за кои се договорени, за од утре „сѐ да биде по закон, шефе“.

Впрочем, си имаат мнозинство во Собранието, можат да прават што сакаат. Само нека не ни продаваат басма дека граѓаните ги гласале затоа што сакаат да имаат повеќе министри.

2 Уште не се стивнати дискусиите дали новата Влада го почитува Преспанскиот договор само писмено, или и усно, ете ти нова дискусија дали новиот претседател на Собранието Африм Гаши ја смета Македонија за своја татковина, каде што е роден и израснат, или Косово, каде што биле родени неговите родители. Па да се извинел, па како се извинил, па ја споменал Северна во извинувањето, значи извинувањето не важи…

Ја терам веќе четвртата деценија во новинарскава професија и преку глава ми се апсурдни проблеми, а уште повеќе и апсурдните решенија на проблемите. Се уморив веќе од губење време во занимацијата кои сме, што сме, зошто сме, каде сме, со кого сме.

Луѓето во светот вакцина против рак открија, ние повеќе од две недели не можеме да откриеме од каде доаѓа смрдеата во операционите сали на Клиничкиот центар во Скопје. И да е смрдеата само во Клиничкиот центар. И да е само здравството во прашање. Та бил СДСМ, та била ВМРО-ДПМНЕ, та бил ДУИ, та била ВРЕДИ… Тоа е капацитетот на институциите, тоа е стручноста на човечкиот капацитет што остана во државата, тоа е моралот на одговорните, тоа е дисциплината на вработените…

3 Туку, среќа што во Клиниките смрди, па реата се чувствува на нос. Замисли да не смрдеше. Тогаш можеби ќе беше уште полошо.

Замисли каква ни е живеачката кога се тешиме дека не стрефило помалото зло. Така и гласаме на избори. За помалото зло.

Смрдеата во операционите сали, со себап, некако ќе ја снема. Ќе се купат компресори. Обично, кога треба да се краси градот за Нова година или кога треба да се оди на Евровизија пресметуваме колку болнички коли може да се купат за тие пари. Време е да почнеме да пресметуваме во компресори.

Четири нови министерства треба да се опремат со коли, мебел, мобилни телефони… На пола милион граѓани тоа им било поважно отколку каде ќе се оперираат.

4 По историски катастрофалниот пораз на СДСМ на изборите, за секоја колумна добивам и коментари дека сега не треба да се жалам, дека самиот сум си си го барал ВМРО и дека не треба да се чудам зошто ВМРО-ДПМНЕ се вратило кога и јас сум бил еден од тие што ја критикувале власта.

Страшно е што на нивните сопартијци и симпатизери не им пречела неспособноста на власта и корупцијата, туку им пречеле новинарите кога укажувале на тоа.

Барем мене не ми зборете за ВМРО. До скоро се влечкав по судови како сведок на процесите за незаконското прислушување на кое бев жртва, а сдсмовците фаќаа сеир. А тие што го открија прислушувањето и криминалите ги ослободија од затвор прислушкувачите и криминалците, за сами да се ослободат кога ќе им дојде време за затвор. Па сега ќе ми попуваат дека не го вратиле ВМРО тие со своето однесување, туку го вратиле новинарите и неутралните.

Срамот е кај нив, не кај нас.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира