ПО ОДЛУКА НА АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ОД ГОСТИВАР ПОВТОРНО ЗАПОЧНА СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО, ПРВОТО РОЧИШТЕ ОДЛОЖЕНО ЗА 25 СЕПТЕМВРИ

    ПО ОДЛУКА НА АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ОД ГОСТИВАР ПОВТОРНО ЗАПОЧНА СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО, ПРВОТО РОЧИШТЕ ОДЛОЖЕНО ЗА 25 СЕПТЕМВРИАпелацискиот суд донесе решение со кое се наложува да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, како и Јавната здравствена установа Клиничка болница Тетово како правен субјект. (Фото: СДК.МК)

    Денес во Основниот суд Тетово започна и веднаш беше одложен почетокот на судскиот процес поврзан со пожарот во тетовската модуларна болница. Случајот е вратен на повторно судење во Основниот суд во Тетово по одлука на Апелацискиот суд Гостивар, која е донесена на јавна седница во април 2024, а на која се расправало по жалба поднесена од Обвинителството.

    Со ова, Апелацискиот суд донесува решение со кое се наложува да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, како и Јавната здравствена установа Клиничка болница Тетово како правен субјект. За докторот Бобан Вучевски, за кого исто така се водеше постапка во Основниот суд во Тетово, Апелацискиот суд ја одбил жалбата на Обвинителството и ја потврди првостепената ослободителна пресуда за него.

    Денешното рочиште беше одложено за 25 септември, поради отсуство на претставници на Клиничка болница Тетово.

    По 10 месеци, колку што траеше судењето во Основниот суд во Тетово, на 5 јуни 2023 судот на обвинетите Флорин Бесими, директор на Клиничката болница во Тетово и Артан Етеми, економски директор на болницата, за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“, им изрече казна затвор во траење во една година и шест месеци, односно им изрече Условна осуда, а казната затвор нема да се изврши ако обвинетите, секој за себе, во време од по три години не сторат ново кривично дело. За истото кривично дело беше обвинето и правното лице Клиничка болница Тетово, кое судот го осуди на парична казна во висина од еден милион денари. Судот тогаш одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „Непостапување по здравствени прописи“.

    Судски процес се водеше откако на 8 септември 2021 загинаа 14 луѓе во пожарот во модуларната ковид-болница во рамки на Клиничка болница Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира