НЕ ПАЛЕТЕ СКАРА АКО ОДИТЕ НА ИЗЛЕТ ЗА 2 АВГУСТ, ОВА СЕ НАЈТЕШКИ ПОЖАРИ ШТО СМЕ ГИ ИМАЛЕ ДОСЕГА, ВЕЛИ АНГЕЛОВ

    НЕ ПАЛЕТЕ СКАРА АКО ОДИТЕ НА ИЗЛЕТ ЗА 2 АВГУСТ, ОВА СЕ НАЈТЕШКИ ПОЖАРИ ШТО СМЕ ГИ ИМАЛЕ ДОСЕГА, ВЕЛИ АНГЕЛОВВо месец јули имало 765 пожари на отворено. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Денеска во земјава има вкупно 20 пожари на отворено, од кои пет се целосно изгаснати, три се под контрола, а 12 сè уште се активни. Како што кажа денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, ова се најтешки пожари од осамостојувањето на државата.

    „Во месец јули сме имале 765 пожари на отворено. Досега сме немале пожари од ваков обем. Затоа, апелирам до граѓаните за време на овој празничен викенд ако се движат во планини и шуми да бидат внимателни да не предизвикаат нов пожар“, рече Ангелов.

    Пожарите се гаснат од земја и со авиони, со помош на војници од Армијата.

    „Ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување интервенира на пожарот во Светиниколско. (Фото Ѓ. Личовски)

    „Хеликоптер на МВР и српскиот интервенираат во Старо Нагоричане каде има пожар во непристапен дел. Вторниот наш хеликоптер е во Кратово, а двата армиски го гаснат пожарот во Пробиштип. Чешкиот хеликоптер е во Пробишти и Свети Николе, а ‘ер тракторот’ ќе го пренасочиме да дејствува на линијата помеѓу Свети Николе, Пробишти, Кратово и Куманово, каде по еден гребен имаме долга пожарна линија. Од земја дејствуваат 160 војници заедно со локални пожарникари, вработени од Национални шуми, а на многу места помага и локалното население и доброволни противпожарни друштва“, кажа Ангелов.

    Во текот на денот се очекува да стигна помош од странство, односно  еден хеликоптер од Словенија, два „ер трактора“ од Шведска, два „ер трактора“ од Германија и тим од Унгарија од 46 лица со 13 возила од кои три се специјални теренски возила и три противпожарни возила кои можат да се движат по непристапни предели.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира