ЕР ТРАКТОРИ ОД АРГЕНТИНА И ЧИЛЕ ГИ ГАСНЕА ПОЖАРИТЕ ВО ЗЕМЈАВА, СТИГНАА КАКО ДЕЛ ОД ГЕРМАНСКАТА ПОМОШ

    ЕР ТРАКТОРИ ОД АРГЕНТИНА И ЧИЛЕ ГИ ГАСНЕА ПОЖАРИТЕ ВО ЗЕМЈАВА, СТИГНАА КАКО ДЕЛ ОД ГЕРМАНСКАТА ПОМОШПатеката на движење на чилеанскиот авион над Галичица според податоците на „флајтрадар“ на 15 август. (Фото: ЦУК)

    Ер трактори од Аргентина и Чиле две недели ги гаснеа пожарите во земјава.  Авионите се пристигнати како дел од германската помош за справување со пожарите и се изнајмени од овие две земји.

    „Ер такторите од странство кои гаснеа пожари деновиве се дел од германска помош која ја добивме преку ЕУ механизмот за цивилна заштита. Дали се германски или се изнајмени од друга земја не знаеме, најважно е дека добивме помош и сме благодарни на сите земји за помошта што ни ја даваат во овие два месеци кога во Македонија има голем број пожари“, ни изјави Стојанче Ангелов директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК).

    Според податоците на „Флајтрадар“, еден чилеански и еден „ер трактор“ со аргентинска регистрација, кои летово се стационирани во Брауншвајг, Германија, од 1 до 16 август оперираа на терен во Македонија од Скопскиот и Охридскиот аеродром. Авионите се ист тип како македонските „ер трактори“, од шпанско производство. Тие во петокот попладне, со прелети преку Сараево и Грац се вратија во базата во Германија.

    Покрај германска помош изминативе два месеци во справувањето со пожарите помогнаа и воздухоплови од Шведска, Србија, Словенија, Кипар, Унгарија и Чешка.

    Денеска според утринскиот извештај на ЦУК активни се 13 пожари од кои 8 се под контрола. Од синоќа нов пожар изби кај селото Гари и како што велат од ЦУК засега кај селото има само чад, а пожарот е високо во планината.

    „Според хеликоптерското извидување од вчера доцна попладне пожарот над село Гари е високо на планината. Од виденото и видеодокументираното, иако линијата на пожарот е голема, има само чад кон и околу Гари. Мештаните, освен што се во информативна координација со ЦУК, преку претседателот на месната заедница, заедно со 10 луге од ЈП „Национални шуми“ и 2 пожарникара со лесно возило се подготвени за дејство ако има опасност, а и ловџиите од Гари се самоорганизирани и во координација со месната заедница и ЦУК бидејки го познаваат добро теренот и имаат план каде на патот над Гари би била линијата на одбрана на селото. Ако има потреба воздухоплови ке бидат веднаш пренасочени кон Гари“, велат од ЦУК.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира