Кредитот од Унгарија во висина од 500 милиони евра ја помина расправата во собраниската Комисија за финансирање и буџет, откако седница ја закажа претседателот на Собранието Африм Гаши, а со неа претседаваше пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ. Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет Сања Лукаревска од СДСМ во предвидениот рок од 24 часа не ја закажа седницата бидејќи, како што рекоа од партијата, на тој начин ќе го блокираат овој закон. Пратениците од СДСМ не присуствуваа на седницата и не учествуваа во комисиската расправа.
Собраниската расправа за заемот од Унгарската експорт-импорт банка ќе се одржи во вторник.
Како што стои во Предлог-законот, заемот ќе се повлече во една транша, а рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години. Каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25% а ќе се плаќа провизија за неповлечени средства во висина од 0,5% од заемот на годишно ниво. Кредитот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.
Според СДСМ, законот е криминален и се носи по скратена постапка без јавна и широка дебата.
„Ја повикуваме власта да се вразуми, да го повлече законот, да го стави во редовна постапка со широка дебата во која ќе бидат вклучени експерти. Доколку тоа не го направи, тогаш е јасно дека има други скриени намери“, рече вчера лидерот на СДСМ Венко Филипче.
А. АНТЕВСКА