МАКЕДОНСКИОТ ВОЈНИК САШКО ГЕШОВСКИ ЌЕ ДОБИЕ СПОМЕН-ПЛОЧА ВО СПЛИТ ПО 33 ГОДИНИ ОТКАКО ЗАГИНА ЗАСТРЕЛАН НА ПРОТЕСТИТЕ ПРОТИВ ЈНА

    МАКЕДОНСКИОТ ВОЈНИК САШКО ГЕШОВСКИ ЌЕ ДОБИЕ СПОМЕН-ПЛОЧА ВО СПЛИТ ПО 33 ГОДИНИ ОТКАКО ЗАГИНА ЗАСТРЕЛАН НА ПРОТЕСТИТЕ ПРОТИВ ЈНАСашо Гешовски од Кавадарци беше застрелан на 6 мај во 1991, додека чувал стража во касарната во  Сплит, за време на демонстрациите на поддржувачите на независноста на Хрватска (Фото: Слободна Далмација)

    На зградата на Градската управа во Сплит ќе биде поставена спомен-плоча на македонскиот војник Сашко Гешовски од Кавадарци кој беше застрелан на 6 мај во 1991, додека чувал стража во касарната во Сплит за време на демонстрациите на поддржувачите на независноста на Хрватска. За спомен-плочата во чест на Гешовски се одлучуваше на седницата на градската Комисија за именување улици и плоштади.

    Одлуката за поставување спомен-плоча на Гешовски Комисијата ја донела минатата година, но медиумите објавија дека на плочата имало контроверзен натпис што требало да стои, предложен од сплитскиот активист Марко Гај: „Сашко Гешовски, невина жртва на протестите одржани на 6.05 во 1991“.

    Некои членови на Комисијата сметаа дека таквиот натпис може погрешно да се протолкува, па сега се предлага ново решение: „Сашко Гешовски, Кавадарци, 31 октомври 1971 година – Сплит, 6 мај 1991. Несреќно настрадал на 6 мај во 1991“.

    Натписот, според „Слободна Далмација“ не дава никакво објаснување за смртта на Гешовски. Сашко Гешовски „случајно загинал“, а идните генерации не само што нема да разберат како умрел Гешовски, туку нема да разберат ниту зошто е поставена оваа плоча.

    Во униформата на ЈНА, младиот Македонец во последните мигови од животот се најде пред разгневената толпа од десетици илјади луѓе кои протестираа против ЈНА, меѓу кои имаше и вооружени лица. Од толпата излезе куршум и го уби Гешовски, но никогаш официјално не е утврдено кој пукаше во него. Четири дена претходно, на 2 мај, во Борово Село беа убиени 12 хрватски полицајци. Еден месец претходно, во Плитвице се случи таканречениот „крвав Велигден“, кога во конфликт со Срби кои протестираа беше убиен хрватскиот полицаец Јосип Јовиќ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира