Од 15 до 21 ноември, во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје ќе се одржува 49. издание на Млад отворен театар (МОТ). Најавени се театарски настани, претстави и работилници. Ова издание на фестивалот се отвора со минатогодишните победници, театарот „Златен Елец“ и претставата „Хинкеман“, по текст на Ернест Толер, во режија Тамара Стојаноска.
Ќе се прикаже и претставата „Без крв“, која е производ на двегодишниот меѓународен проект „Манифест“, копродукција на Драмскиот театар од Пловдив и Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес и перформансот „Танцот на смртта“ на Ле Пре/Дак Театар.
„Додека светот гори во глобален контекст, на локално ниво ние водиме војна за МОТ. Се бориме и со минимум буџет покажуваме дека МОТ не е осамен. Инстинктот за преживување е силен“, вели продуцентот Русе Арсов во името на тимот на МКЦ.
На програмата се и „Скринејџери, втор дел“, рефлексивен мјузикл од Франција и најнаградуваната претстава во историјата на Новосадско народно позориште „Ана Каренина“, во режија на Дејан Пројковски, која беше прогласена за апсолутен победник на неколку регионални фестивали. Меѓу гостите на МОТ се и креативниот центар „Крушче“ со делото „Куќа, дом“ и театарот „Промена“ од Србија со монодрамата „Мајорот и Хелена“, авторски проект на Алекса Јовиќ, кој ја обработува приказната на трансродова жена и нејзината храброст во конзервативното општество.
Театарскиот режисер и драмски писател Јари Јутинен од Финска ќе биде домаќин на мастерклас за професионалци во театарот и студенти.
Целосната програма и распоредот можат да се погледнат на официјалната страница на фестивалот mot.mk.