Од премиери и експремиери, лидери на опозиција, градоначалници, па сѐ до секретари во општините, се појавија како ликови во урнебесната комедија „Кабаре Бубашваба“, што вчера и завчера по повод 21. роденден ја одигра драмското студио „Солза и смеа“ во Битола. Публиката во ликовите и шегите го препозна експремиерот Никола Груевски, лидерот на опозицијата Зоран Заев, раководители на служби, доктори, пратеници од Битола… Сепак, актерот Саше Димитровски уште на самиот почеток пред публиката изјави дека сите ликови се измислени.
Прв на тапет беше битолскиот градоначалник Владимир Талески. Димитровски на сцена почна да ги поздравува спонзорите.
„Сакам да го поздравам градоначалникот на Општина Битола, кој се погрижи за оваа наша сценографија, ни ги даде топките“, рече актерот покажувајќи на сценографијата од назад која се состоеше од неколку кружни елементи. Потоа ја повика публиката „да го поздравиме градоначалникот на Битола“ , по што се слушнаа извици уа и свирежи. И понатаму во претставата беше кажано дека градоначалникот на Демир Хисар давал повеќе пари отколку битолскиот.
Потоа на сцена се појави лекар со извесен пациент Слободан Бонче, кој имаше говорна мана. На лекарот му се пожали дека навечер не може да спие откако бил во Девенаи горе (местото каде се наоѓа битолскиот затвор- н.з.). Лекарот го испрати на бајачка. Во шегите за политиката, беше споменато дека „Титови леви сили сега со ВМРО-ДПМНЕ одат“, алудирајќи на политичари кои порано членуваа во оваа партија, а денес се со власта.
Во колажот од ликови и шеги се појави Заев со вокмен на уши преку кој ги прислушувал сите. Отиде кај поп Кире да му ги прости гревовите. Попот го подучува пред спиење „Оче наш“ да ја кажува, а пак Заев бара „да ми го пуштиш на мејл текстот, јас само ‘Бела чао’ ја знам“.
„Кога ќе излезеш од тука на првиот што ќе го сретнеш 20 евра ќе му дадеш, така од душа“, вели попот. „Е кешки да е за 20 евра, јас повеќе за боја дадов лани“, вели Заев и заминува. Надвор го пречекува проститутка и тој ѝ ги дава парите, а таа се лути зашто тарифата ѝ била 50 евра. „Ама мене поп Кире ми рече 20 евра“, вели тој. Таа му одговара „Поп Кире остај го, тој ни е стален муштерија“. По ова трчаат луѓе по Заев учени да му даваат предлози, а тој им вели да му се јават утре. На кој број прашуваат тие, а тој им вели, на било кој и онака сите ве слушам.
За противтежа и како алузија на Никола Груевски, на сцена се појави премиер кој зафаќа на р во говорот. Во градинка децата го пречекуваат пеејќи ја песната „ВМРО, ВМРО“ и викајќи „Македонија сета да е“. Тој со секретарката запишува да се дадат 200.000 евра за реконструкција на градинката. По ова одат во посета на Идризово и запишуваат милион и 333 илјади евра за реновирање на затворот.
„Господине премиере имате грешка, еми како за градинките 200.000 евра, а за затворот милион и 333 илјади евра?“, прашува секретарката. Овој ѝ одговара „кога ќе ни поминат мандатите кај ќе завршиме, в градинка или в затвор?“.
Актерите од „Солза и смеа“ со своето мајсторство да создаваат комедии до солзи ја насмеаа публиката, која две вечери по ред ја полни салата. Вакви шеги на сметка на политичарите со години беа реткост во Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА