МИЦКОСКИ ГИ ОСПОРУВА ОСУМТЕ МЕСЕЦИ ОД МАНДАТОТ НА ДАМЕВА КОИ Ѝ ГИ ВРАТИ УПРАВНИОТ СУД И БАРА ТАА ДА СЕ ТРГНЕ ОД ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА СУДСКИОТ СОВЕТ

    МИЦКОСКИ ГИ ОСПОРУВА ОСУМТЕ МЕСЕЦИ ОД МАНДАТОТ НА ДАМЕВА КОИ Ѝ ГИ ВРАТИ УПРАВНИОТ СУД И БАРА ТАА ДА СЕ ТРГНЕ ОД ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА СУДСКИОТ СОВЕТПо жесток вербален напад од колегите предложени во Судскиот совет од ДУИ и од СДСМ, кои незаконски ја разрешија, Дамева веднаш се тргна од претседателското место и поднесе тужба пред суд. (Фото:СДК.МК)

    Осумте месеци прекин на мандатот на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, која незаконски беше тргната од функцијата во време на владеењето на СДСМ и на ДУИ, сега ги оспорува ВМРО-ДПМНЕ.

    По пишувањето на социјалните мрежи на пратеникот Антонијо Милошоски дека Дамева треба итно да си оди во декември кога нормално би ѝ истекол мандатот ако не беше насилно разрешена и оти тие 8 месеци не треба да ги доработи на функцијата претседателка на Судскиот совет, денеска и премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница рече дека Дамева сакала незаконски да си го продолжи мандатот.

    По пучот предводен од Селим Адеми, само зашто таа сакаше да ја стави одговорноста на апелациониот судија Енвер Беџети на дневен ред, Дамева беше разрешена надвор од сите законски процедури на 24 април 2023 година. Но таа веднаш поднесе тужба на одлуката за разрешување до Управниот суд и тој на 3 јануари таа одлука ја укина и ја врати Дамева на функцијата.

    За време на незаконскиот прекин, претседател беше судијата Сашко Георгиев.

    Дамева по ова кажа дека мандатот на претседателот на Судскиот совет е во траење од 2 години, согласно член 8 став 2 од Законот за Судскиот совет и оти навистина изненадуваат толкувањата за наводно продолжување на мандатот надвор од утврдениот законски период од 2 години, при постоење на неспорен факт дека постои прекин.

    „Со оглед дека во два наврата беа донесени Одлуки за разрешување на претседателот на Советот, на 26.04.2023 година и на 04.05.2023 година, сметав за потребно само да се дефинира точниот датум до кога треба да ја извршувам функцијата во траење од 2 години. За правното  прашање околу времетраењето на мандатот, иако членовите на Советот имаа свој став, сепак беа консултирани и правни експерти и еминентни стручни лица од областа на правото, па само се потврди ставот на мнозинството дека мандатот треба фактички да се извршува 2 години“, кажа Дамева зошто имало колегиум околу времетраењето на нејзиниот мандат.

    „На јавноста ѝ е добро познато дека функцијата претседател на Судскиот Совет фактички не ја извршував две години, па од почит према јавноста и Вас, новинарите сметав за потребно да известам за овие околности, пласирани од поединци, на кои очигледно им пречи претседавањето на Судскиот совет од моја страна. Ова особено од причина што во изминатиот период во Судскиот совет, по сите предмети се постапува брзо и ажурно, а Советот бележи исклучителни резултати во насока на подобрување на состојбата, со цел имплементација на препораките на Оценската мисија на ЕУ“, вели Дамева.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира