Претседателот на САД Доналд Трамп се изнервира кога еден од новинарите го праша дали ја видел и како реагира на новата насловна страница на магазинот „Тајм“ на која е прикажан Илон Маск како седи на претседателската работна маса.
„Не“, остро одговори Трамп, на пресконференцијата заедно со јапонскиот премиер Шигеру Ишиба.
„Дали списанието ‘Тајм’ сè уште постои? Јас дури и не го знаев тоа”, додаде Трамп.
Во петокот наутро, неколку часа по објавувањето на новата насловна страница на „Тајм“, Маск на социјалните мрежи објави: „Го сакам Доналд Трамп онолку колку што еден стрејт маж може да сака друг маж“.
Малку е веројатно дека Трамп не знаел дали „Тајм“ сè уште излегува. Тој беше на неговата насловна страница пред само два месеца, кога списанието го прогласи за „Личност на годината“.
Трамп излегува на насловните страници на „Тајм“ уште од 1980-тите, па дури и ги исмевал сатиричните насловни со негова слика.
Последниот пат кога беше претседател, на насловната на „Тајм“ во 2017 беше претставен неговиот советник Стивен К. Банон. На насловната пишуваше „Големиот манипулатор“, што го налути Трамп, а Банон ја напушти Белата куќа подоцна истата година.
Никој не може да каже дали списанието сè уште има толку големо влијание врз Трамп како тогаш. Сепак, едно нешто изгледа сигурно, а тоа е дека Маск сака да му остане поддршка на Трамп.