На тригодишнината од руската агресија врз Украина, денеска до Обединетите нации (ОН) ќе бидат поднесени две резолуции за крај на војната, едната од САД и другата од Франција, Германија и скоро сите држави на ЕУ. Македонија, заедно со Унгарија, Грузија и Израел, ќе биде коспонзор на резолуцијата на САД.
Резолуцијата поднесена од САД, не ја именува експлицитно Русија како агресор, ниту пак повикува на повлекување на руските трупи од Украина. Тоа е спротивно на резолуцијата поддржана од Европа во која се бара итно повлекување на силите на Русија од Украина. Текстот на САД исто така повикува на прекин на конфликтот и се изразува жалење за загубата на животи. Денеска, Генералното собрание на ОН треба да гласа за резолуциите.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција не даде детален одговор зошто е одлучено Македонија да биде коспонзор на американската, а не на европската резолуција.
„Па така одлучивме, дека ќе бидеме коспонзори на Резолуцијата што ја поднесоа Соединетите Американски Држави во Обединетите нации. Очекувам таа да биде поддржана од мнозинството во ОН“, кажа Мицкоски.
Премиерот рече дека ова коспонзорирање нема да се одрази на македонските односи со Берлин, со оглед на тоа дека Германија и Франција поднесуваат поинаква резолуција за Украина, која Русија се нарекува агресор и бара да се повлече од окупираните територии.
Американската резолуција следи откако претседателот Доналд Трамп на 18 февруари остро го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски, нарекувајќи го „диктатор“. Претходно Трамп рече дека Зеленски „никогаш не требало да ја започне“ војната. Потоа, на 21 февруари Трамп го смени курсот и призна дека Русија всушност ја нападна Украина. Во интервју за радиото „Фокс њуз“, тој призна дека Русија ја нападнала Украина по наредба на Владимир Путин, но рече дека украинскиот претседател Володимир Зеленски и тогашниот американски претседател Џо Бајден требало да го спречат тоа. „Не требаше да му дозволат да нападне“, рече Трамп.
Американскиот државен секретар Марко Рубио ја нарече резолуцијата „едноставна и историска“ и ги повика членките на ОН да ја поддржат „со цел да се зацрта патот кон мирот“.
„Оваа резолуција е во согласност со ставот на претседателот Трамп дека ОН мора да се вратат на својата цел за која се основани, како што е содржана во Повелбата на ОН, за одржување на меѓународниот мир и безбедност, вклучително и преку мирно решавање на споровите“, кажа Рубио.
Резолуциите на Генералното собрание не се правно обврзувачки – но гласањето во најголемото тело на Обединетите нации се смета за глобален тест за расположението и ставовите за одредени прашања. Во пресрет на првата годишнина од војната во 2023, од 193 земји-членки 141 гласаа за осуда на инвазијата на Русија.
С. К. ДЕЛЕВСКА