На земјиштето до Собранието кон Домот на АРМ, кое е тревник и наместа асфалт и кое е на површина од 1,5 хектари, ќе се забранат градежни активности и протести, собирања и манифестации. Се прогласува за безбедносна зона. Со закон во иднина се забранува продажба на ова земјиштето кое моментално е продадено, но всушност се пропишува како ќе му се земе на купувачот, а парите што ги уплатил ќе му бидат вратени. Тоа место беше купено за градба на катна гаража, која требаше да биде залепена до собраниската зграда.
Претседателот на Собранието и пратеници од сите партии поднесоа Предлог-закон за прогласување на просторот околу Собранието за безбедносна зона. Законот е пред изгласување во Собранието.
Иако прилогот „околу“ алудира на комплетен прстен околу Собранието што би ги опфатило и улиците пред објектот каде што се одржуваат граѓански протести, странично и зад објектот, уличката што води кон Управен суд (поранешно МНР), потписниците на законот од опозицијата уверуваат дека се мисли само на просторот до Собранието, каде што и досега не се протестираше.
Во членот 3 се вели: „Безбедносната зона е површината на просторот околу објектот на Собранието со дефинирана граница којашто ги опфаќа земјиштето и воздушниот простор, до која од безбедносни причини и заради безбедносни интереси на државата пристапот и користењето се ограничени со закон“.
Висината на безбедносната зона во вертикала на утврдената територијална граница изнесува 100 метри, што значи дека се забрануваат прелети и дронови во висина од 100 метри над Собраниската зграда.
Се предлага границата на безбедносната зона на Собранието, Агенцијата за катастар на недвижности да ја прибележи по службена должност во јавната книга за запишување на правата на недвижностите, во катастарските парцели опфатени со просторот на безбедносната зона, сопственост на Република Северна Македонија. Границата на безбедносната зона од ставот не може да се менува при донесување нов урбанистички план и претставува составен дел од секој нов урбанистички план или урбанистичко-планска документација. Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува спроведувањето на важечките урбанистички планови во делот на просторот прогласен како безбедносна зона согласно овој закон, до донесувањето нов урбанистички план.
Во членот 10 е пропишано како ќе се раскине договорот со инвеститорот, кој го купил овој простор до Собранието за да изгради катна гаража.
„Со денот на влегувањето во сила на овој закон одобренијата за градење на градби во безбедносната зона издадени до денот на влегување во сила на овој закон се укинуваат, по сила на овој закон.“ Со денот на влегување во сила на овој закон правните дела во врска со земјиштето што влегува во просторот прогласен за безбедносна зона, склучени до денот на влегувањето во сила на овој закон, се раскинуваат по сила на овој закон, а прибелешките за правните дела Агенцијата за катастар на недвижности ги брише од јавната книга за запишување на правата на недвижности, по службена должност. Со раскинувањето на правните дела од ставот (2) на овој член по сила на овој закон, секоја од договорните страни е должна да го врати она што го стекнала врз основа на склученото правно дело.
Во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон земјиштето од правното дело од ставот (2) на овој член се враќа во владение на Република Северна Македонија, а на поранешниот сопственик му се враќа износот уплатен како купопродажна вредност согласно договорот за купопродажба, зголемен за трошоците на надоместокот за уредување на земјиштето и евентуалните вложувања.
- ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ КАТНАТА ГАРАЖА ЗАД СОБРАНИЕ ЗА КОЈА ОПШТИНА ЦЕНТАР ЈА ПОНИШТИ ГРАДЕЖНАТА ДОЗВОЛА, НО УПРАВЕН СУД ЈА ПРИФАТИ ЖАЛБАТА НА ИНВЕСТИТОРОТ
- НЕРАЗУМНО И НЕЗРЕЛО СЕ ОДНЕСУВАЛ ТОЈ ШТО ПРЕД 12 ГОДИНИ ДАЛ ДОЗВОЛА ЗА КАТНАТА ГАРАЖА ДО СОБРАНИЕТО, КАЖА МИЦКОСКИ
- СОПСТВЕНИЧКАТА НА ФИРМАТА ШТО ТРЕБАШЕ ДА ГРАДИ КАТНА ГАРАЖА ДО СОБРАНИЕТО ИЗБРАНА ЗА ЧЛЕНКА НА КОМИСИЈАТА НА АЕК СО МЕСЕЧЕН ХОНОРАР ОД 2.700 ЕВРА
Државното земјиште кај Собранието беше продадено на јавно наддавање во 2013 во времето на премиерот Никола Груевски, а министер за транспорт и врски беше Миле Јанакиески, согласно договорот за отуѓување на катна гаража со компатибилни класи на намена односно изградба на мали комерцијални и деловни единици. Катноста на објектот согласно Детален урбанистички план е П+2, а влезот е предвиден од пристапната улица помеѓу Собрание и Дом на АРМ. Инвеститорот добил одобрение за градење на катната гаража на 26 август 2014 година, со правосилност од 10 септември 2014.
Градежната дозвола за изградба на катната гаража беше поништена во 2018 година од ексградоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, бидејќи инвеститорот не почнал во предвидениот рок со градба. Но, инвеститорот на ова решение поднесува жалба и по судската постапка која трае неколку години решението на Општина Центар се укинува и на инвеститорот му се дозволува да гради.
Со измена на деталниот план „Мал ринг“ за време на мандатот на градоначалникот Владимир Тодоровиќ наместо подземна гаража, беше нацртана маркичка за катна гаража. Во јуни 2013 година на електронска аукција во Министерството за транспорт и врски, земјиштето го купи фирмата „Анго“ ДООЕЛ за 136 евра за квадрат или вкупно за 333.000 евра за земјиштето од 2.455 метри квадратни. Планот дозволуваше гаражата да биде висока 9 метри, а 15 отсто од објектот можеше да биде деловен простор, продавници или угостителски објекти.
Во август 2024, инвеститорот ДТПУ АНГО ДООЕЛ од Скопје го огради просторот околу Собранието и почна да го расчистува просторот за изградба на катната гаража.
Премиерот Христијан Мицкоски во септември 2024 изјави дека „Некој некогаш не бил разумен, се однесува незрело и направил нешто што ја загрозува безбедноста на Собранието“ и најави дека ќе се бара начин да се обесштети инвеститорот на катната гаража за да не се гради.
С. К. ДЕЛЕВСКА